Патувањето на одмор преку граница заедно со домашното милениче станува сè почеста практика меѓу сопствениците кои не сакаат да го остават своети четириножно пријателче дома додека тие уживаат на плажа.
Сепак, пред да тргнете на пат со вашето куче, важно е да сте информирани за регулативите кои важат за преминување на граница со домашен миленик.
Во Македонија, како и во многу други земји, задолжително е сопствениците да обезбедат пасош за миленикот, кој служи како официјален документ за идентификација на животното, но и ветеринарно-здравствен сертификат, кој потврдува дека кучето е здраво и вакцинирано според потребните стандарди.
Денар на оваа тема разговараше со ветеринар со долгогодишно искуство од Скопје, кој објаснува дека процедурата за добивање на овие документи не е комплицирана, но дека бара одредена подготовка и време.
„Пасошот за миленици се издава од страна на овластен ветеринар и содржи информации за сопственикот, како и за самото куче – име, раса, пол, боја, како и уникатен идентификационен број кој обично се совпаѓа со бројот на микрочипот вграден во животното“, вели соговорникот.
Тој додава дека ветеринарно-здравствениот сертификат треба да содржи детали за сите вакцини кои кучето ги има примено, вклучувајќи ја и онаа против беснило, која е задолжителна во повеќето земји.
„Сопствениците треба да бидат свесни дека процедурата за добивање на овие документи може да трае неколку дена, па дури и недели, па затоа е препорачливо навреме да се започне со подготовките. Исто така, важно е да се провери дали земјата во која планирате да патувате има специфични барања или ограничувања за внес на домашни миленици. Некои земји може да бараат дополнителни вакцини или здравствени тестови, додека други може да имаат карантински периоди за животните кои влегуваат во нивните граници. Во секој случај, патувањето со куче преку граница е можно и сѐ повеќе се олеснува со хармонизацијата на меѓународните стандарди и процедури. Со правилна подготовка и информираност, вие и вашиот четириноџен пријател може да уживате во безгрижно патување“, коментира ветеринарот.
Колку што е важен вашиот пасош, додава тој, исто толку е важен и пасошот на кучето, без разлика дали некои граничари ќе ви го побараат или не.
„Значи, мора да го поседувате. Втора работа, задолжително треба кучето да го превезувате во транспортер. Ние ги советуваме нашите муштерии да си носат транспортер во колата, па непосредно пред да се приближат до границата да го стават кучето внатре и да го извадат веднаш штом ја поминат границата. Така е најбезболно и на тој начин не ги кршите правилата. Во поглед на здравствениот сертификат, тој исто така е задолжителен документ, но ако патувате во Грција, тогаш никој нема да ви го побара. Инаку, документот се вади во Агенцијата за храна и ветеринарство и чини 200 денари ако вие самите го вадите, додека, пак, чини 1.800 денари ако ветеринарот го вади наместо вас“, објаснува докторот.