Рибата лав, која има отровни боцки со кои се брани од предатори, е забележана релативно неодамна. Ако дојдете во контакт со неа, местото на убодот треба да се исцеди што е можно побрзо и никогаш да не се става мраз, туку нешто жешко. Односно, местото на убодот треба да се потопи во топла вода, бидејќи нејзиниот отров е термолабилен, што значи дека се разградува на околу 70 степени и со тоа се намалува неговото дејство, истакнуваат експертите.
Во црногорскиот дел на Јадранот има сè повеќе инвазивни видови кои му штетат на екосистемот, но претставуваат и опасност за луѓето, рибарите или капачите. Ниту еден од нив не ги напаѓа луѓето, но некои имаат токсини во ’рбетот и во контактот со нив треба да се биде внимателен.
Д-р Илија Ќетковиќ, научен соработник во Лабораторијата за ихтиологија и морски риболов на Институтот за морска биологија од Котор, вели дека во последните неколку години се забележани голем број инвазивни видови риби и ракови кои ја менуваат сликата на подводниот свет, а забележани се и во водите на другите јадрански земји.
Тој посочува дека најголем број инвазивни видови преку Суецкиот Канал влегуваат во Средоземното Море, а потоа и во Јадранското Море.
-Овие видови потекнуваат од Индискиот Океан и од Црвеното Море, а овој феномен се нарекува Лесепска миграција и го добил името по францускиот дипломат кој учествувал во изградбата на овој канал. Некои видови стигнуваат до Јадранот и преку други извори, како што се баластни води од бродови, кои се истураат во Јадранот, а доаѓаат од некој друг регион на светот, објаснува Ќетковиќ, пренесува РТЦГ.
Тој наведува дека рибата лав, која има отровни боцки со кои се брани од предатори, е забележана релативно неодамна.
-Самиот е предаторски вид и претставува опасност за голем број природни жители на Јадранот. Во случај на улов, при ракување со овој вид треба да се преземат мерки за да се избегне убод, вели Ќетковиќ.
Доколку дојдете во контакт со риба-лав, местото на убодот треба да се исцеди што е можно побрзо и никогаш да не се става мраз, туку нешто жешко. Односно, местото на убодот треба да се потопи во топла вода, бидејќи нејзиниот отров е термолабилен, што значи дека се разградува на околу 70 степени и со тоа се намалува неговото дејство, истакнуваат експертите.
Ќетковиќ додава дека има и видови од фамилијата риби кои се дујат, чии органи го содржат отровот тетродотоксин, што е невротоксин опасен за луѓето. Овие риби не смеат да се користат за човечка исхрана и треба да се избегнува секое допирање или преработка, бидејќи тоа потенцијално може да дојде во контакт со отровот.
Сепак, тој смирува дека повеќето од овие видови сè уште се релативно ретки на овие простори, се среќаваат спорадично и не постојат правила каде и кога може да се најдат.
Еден од впечатливите инвазивни организми на Јадранот е синиот рак (Callinectes sapidus), кој им нанесува голема штета на рибарите со уништување на нивниот улов и риболовниот алат. Покрај раковите и рибите, на Јадранот пристигнале и многу други организми, од кои најважни се зелените алги од родот Caulerpa, кои ги нарекуваат тумор на Медитеранот.