Ајварот годинава ќе биде поскап. Постигнат е договор откупната цена на црвената пиперка да биде 40 денари за килограм прва класа.
За земјоделците, и оваа цена е економски неоправдана, бидејќи, поради климатските промени, количините се преполовени, а квалитетот е намален. Граѓаните последниве години сè поретко прават ајвар, бидејќи цената на пиперот е многу висока, а така ќе биде и годинава. Велат дека со овие цени ќе престане македонската традиција на правење домашен ајвар.
Земјоделците велат дека, за разлика од лани, кога беше 45 и 50 денари за килограм, годинава откупната цена е пониска, а количините се преполовени. Дополнителна штета направија и климатските промени, кои го намалија квалитетот на пиперот.
– Со оглед на зголемените трошоци и намалените количини, и оваа цена е ниска. Но, се надеваме дека ќе се почитува договорот и нема да падне пиперот под оваа цена, која е гарантирана. Производството е значително намалено во однос на лани, а, поради климатските промени, намален е и квалитетот на родот. Од друга страна, проблем е по кој критериум ќе се одредува квалитетот и како ќе се врши исплатата. Никаде не се спомена рок до кога ќе се врши исплатата од а трговците и од откупувачите. Земјоделците се економски исцрпени и не можат веќе, како порано, да го предадат родот, а потоа да чекаат исплата – изјави за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.
Тој ја поздравува одлуката на министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, за однапред договорената откупна цена на црвената пиперка, но вели дека многу дискутабилно ќе биде одредувањето на класите. Така што може да се случи како со тутунот, пиперот од прва класа да го стават во втора, трета класа и да ја спуштат цената.
– Точно, за граѓаните е скапо, но ние не сме социјална установа. Знаеме дека стандардот на граѓаните е низок, но и земјоделците работат за џабе. За разлика од земјите во регионот, земјоделските производи кај нас се далеку поевтини – додава Каракашев.
И Ристо Велков, претседател на Синдикатот на земјоделците од Струмица, вели дека кога ќе почне откупот, цената може да падне во зависност од понудата и побарувачката.
Тој додава дека цената на доматите, за разлика од лани, е пониска. И покрај тоа што сè уште се продава по 40 и 50 денари на пазарите, откупната цена падна на 15 денари за килограм, додека, пак, краставиците годинава држат цена и се откупуваат по 30-40 денари за килограм.
Граѓаните последниве години сè поретко прават ајвар, бидејќи цената на пиперот е многу висока, а така ќе биде и годинава. Велат дека со овие цени ќе престане македонската традиција на правење домашен ајвар.
Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновск,и деновиве информираше дека е постигнат договор за откупни цени на црвената пиперка. Прва класа – 40 денари, прва/втора класа – 30 денари, втора класа – 20 денари и трета класа – 12 денари за килограм.
Откупувачите и преработувачите се согласија дека ќе се придржуваат кон договорените цени во текот на целиот откуп, а Државниот инспекторат за земјоделство ќе биде постојано на терен и ќе се грижи за да се запазат динамиката и откупните цени на црвената пиперка.