Албанската влада денеска донесе одлука, која стапува во сила веднаш, за пофлексибилно работно време за вработените во јавната администрација. Државната министерка за јавна администрација и антикорупција Адеа Пиндери ги објави временските рокови кога ќе треба да работат вработените во јавните институции.
Според одлуката, административните службеници од понеделник до четврток ќе работат осум и пол часа, а во петок шест часа.
– Во работните денови задолжително треба да бидат присутни на работното место во временскиот период од 9:30 до 15:30 часот, додека преостанатиот дел од работното време може да се заврши со избирање да се започне со работа порано или да се заврши подоцна – рече Пиндери по седницата на владата.
Таа објасни дека ќе бидат опфатени над 130 илјади вработени во институциите на државната администрација, независни институции и локалните самоуправи.