Што е црвено однадвор, виолетово одвнатре и што ви овозможува безвизен пристап до 195 дестинации ширум светот? Тоа е сингапурски пасош и штотуку е прогласен за најмоќниот патен документ во светот во кварталното рангирање на пасоши со најголемо меѓународно влијание. На второ место со 192 дестинации без визи се пасошите на Германија, Италија, Шпанија, Франција и Јапонија.
Во изминатите 19 години, Индексот за пасош на Хенли (Henley Passport Index), креиран од глобалната советодавна фирма за државјанство и престој Henley & Partners, со седиште во Лондон, ги следи глобалните слободи во 227 земји и територии низ целиот свет, користејќи податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA ).
Според оваа листа македонскиот пасош е рангиран на 41-то место меѓу најмоќните пасоши во светот и според новата листа е за три места подобро рангиран од лани. Граѓаните со македонски пасоши минатата година можеле да патуваат во 125 земји без визи, а годинава во 128.
Најсилниот пасош во регионот од земјите кои се уште не се членки на ЕУ е српскиот, кој се наоѓа на 34-то место. Црногорскиот, како и македонскиот, го дели 41-то место.
Пасошите на Албанија и на Босна и Херцеговина го делат 45-то место со по 123 дестинации до кои носителите на овие пасоши можат да патуваат без визи, што е подобрување за шест места за албанскиот пасош и четири места за босанскиот.
Австрискиот пасош го зазеде третото место, унгарскиот седмото, словачкиот и словенечкиот се на 10-то место, хрватскиот на 11-тото место, додека бугарскиот и романскиот се на 14-то место.
Израелскиот пасош е на 18 место, што е за седум места подобро од лани, додека палестинскиот е на 97 место.
Пасошот на Украина е на 30-то место, пасошот на Руската Федерација е на 45-то место, САД се на осмо, а Кина е на 59-то место.
Најлошо рангираниот пасош му припаѓа на Авганистан и е на 103. место со 26 дестинации до кои можат да патуваат носителите на овие пасоши.