Скопје и Охрид се двата македонски града што се дел од петте локации на Балканот во кои дигиталните номади со помал буџет се чувствуваат како кралеви, според изборот на „Travel Off Path“. Македонија е единствената земја од која се посочени два града, а освен нив, порталот специјализиран за новини за патувањето што им се потребни на туристите, титулата балкански рај за дигиталните номади, особено на почетниците со потенок буџет, им ја дава уште на Темишвар во Романија, Будва во Црна Гора, Ксамил во Албанија и Нови Сад во Србија
– Познат по своето топло гостопримство, словенската култура, дарежливата визна политика и ниските цени, Балканот се појави како безбедно засолниште за дигиталните номади во последниве години и навистина, ако сте еврофил што сака да ги расфрли доларите понатаму, ова е местото каде што треба да се упатите – пишува за порталот авторката Винициус Коста.
Скопје го нарекува необична кич престолнина на мала земја без излез на море, „која е криминално игнорирана од туристите со децении“. Во Скопје, како што стои во текстот, номадите нема да си ги фрлат парите во ветер. За Охрид наведува дека има изобилство од ресторани по пристапни цени, каде што оброците може да чинат незначителни пет долари, но има и добро опремени работни простори, каде што може да се изнајми биро за 85 долари месечно. Месечните трошоци на модерните номади во Македонија, преку Аирбнб, почнуваат од 573 долари, а вкупните се во просек 1.331 долар, што е за 28 проценти поевтино од просечното изнајмување стан во САД. Во коментарите за текстот, пак, дигитален номад што престојувал во Скопје вели дека не може да каже дека е лошо местото, но го критикува јавниот превоз, поточно вели дека Скопје има нула јавен превоз.
Балканот, како евтина европска дестинација, ги води номадите и во Темишвар, Романија.
– Тој е преполн со места погодни за работа, без разлика дали е тоа локално кафуле во кое се служат романски деликатеси или само, знаете, вашиот обичен „Старбакс“, а најдобриот дел, евтино е да се живее: целосно опремен во центарот чини прифатливи 714 долари за изнајмување, а месечните трошоци се ограничуваат на 1.813 долари – стои во текстот, за, како што се наведува, еден од најубавите градови во Романија.
Медитеранскиот град Ксамил во Албанија, во последно време, е во тренд кај номадите „ благодарение на својата блага медитеранска клима, недопрените бели песоци, кои предизвикуваат неверојатни споредби со Малдивите и морињата што се делат со Грција“. Според проценките на „Номад лист“, таму вкупните трошоци се 2.047 долари месечно.
Нови Сад, кој порталот го нарекува скапоцен камен на круната на Србија, е уште една често посетувана дестинација од дигиталните номади.
– Ако ништо друго, сигурно ќе си поминете без да ја скршите прасе-банката. Издвојувајќи 722 долари за кирија, останувате со 665 долари за да ги потрошите на раскошни вечери од три јадења, кои сè уште се само 41 долар за две лица, а има дури и за одење на тури за дегустација на вино низ Војводина – пишува „Travel Off Path“.
Меѓу омилените дестинации е и таканаречената престолнина на црногорскиот туризам, Будва, за која се вели дека е место што во последно време ги „краде“ срцата на работниците што го сакаат сонцето.
– Останувајќи во Будва цел месец, можеби ќе може да изнајмите целосно опремен стан во непосредна близина на плажата за 1.556 долари месечно, додека трошоците за храна се спуштаат под 40 долари дневно – благодарение на пониските потрошувачки цени – и вашиот вкупен буџет од 2.326 долари. Не е баш најевтиното номадско бегство, но, секако, е една од најатрактивните сезонски зделки насекаде во Медитеранот.
Сепак, како што стои во текстот, овие градови означени како номадски рај се само транзитни зони додека се добие виза за дигитален номад во Шпанија или во Италија.