Нелт СТ е дел од Нелт Група, организациски систем со над 5.500 вработени, во 18 компании на 12 пазари во Европа - Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Хрватска, Косово и во Африка – Ангола, Замбија, Мозамбик, Малави и Зимбабве.
По 25 години развој и посветеност, денес Нелт СТ е синоним за успешен бизнис систем во кој работат повеќе од 300 вработени.
За тоа како е да се биде дел од оваа компанија можете да прочитате во интервјуто со Билјана Јанковска, магационер во Нелт.
1.Како изгледа еден работен ден на магационер во Нелт?
- Работиме во две смени и секоја смена ни започнува со состанок на кој водичите на смена нè распоредуваат во кој магацин ќе работиме и ги добиваме рутите кои треба да ги спремиме тој ден. По краток разговор со колегите и кафе започнуваме со работа. Секој си ги работи своите рути, односно ја подготвуваме нарачаната роба која треба да се достави до нашите коминтенти. Како завршуваме со една нарачка, ја обележуваме робата за да можат доставувачите да се снајдат и продолжуваме со следната. Работиме со WMS GOLD (warehouse management system), систем кој ни овозможува следење на сите артикли во систем и нивните локации, додека за полесно спремање на робата, нарачката ја слушаме преку слушалки. На овој начин сме попродуктивни, имајќи ги слободни двете раце за подготовка на нарачките. Покрај спремањето нарачки, ги следиме и роковите на производите кои се во магацин и водиме извештај. Имаме број на линии кои треба да ги поминеме во текот на денот, а со посветеност успевам и да го надминам тој број.
2.Кои се вештините кои мора да ги поседува еден кандидат за оваа позиција?
- Кандидатите треба да имаат само желба за работа, затоа што многу лесно се учат артиклите, нивните локации, системите и начинот на подготовка на робата. Секогаш кога имаме нов колега, му помагаме да се снајде во магацините, но по само 1 недела може да почне самостојно да работи. За да биде некој успешен во оваа работа, треба да стекне брзина за спремање, да биде секогаш сконцентриран на работата и да ја реди робата на начин што ќе им овозможи на доставувачите да ја пренесат без тешкотии и оштетување. Нелт е корпорација каде што сите процеси се поврзани, па доколку една алка недостасува или не ја заврши правилно работата, ќе има влијание на целиот ланец.
3.После колку време се напредува од оваа позиција и што е следно?
- Јас сум дел од Нелт повеќе од 10 години. Започнав како декларант во одделението за лепење декларации, но за брзо време почнаа да ме ангажираат во магацин за помош. Им покажав на претпоставените дека можам да се снајдам во магацинското работење и да спремам роба и ме унапредија на позиција магационер. Во компанијата постојат фази на развој преку кои напредуваме како во нашиот развој, така и со платата. Постојат структури во сектор логистика, па за сите кои вредно работат, се посветени и го истакнуваат својот победнички менталитет, има простор за развој на повисоки позиции и градење кариера.
4.Какви сè бенефиции добиваат вработените на оваа позиција?
- Покрај редовната плата, вработените во магацин се наградуваат и по модел на продуктивност. Овој модел го следи нашето секојдневно работење, ги мери линиите кои ги правиме во текот на денот, дали имаме грешки и на крај на секој месец сме рангирани по нашите остварување и заработуваме дополнителен бонус. Дополнително, следуваат и награди на квартално ниво за најдобрите двајца магационери. Наградите се во вид на ваучери за пазарење од различни објекти. На овој начин се сме мотивирани за работа, се следи работата на сите вработени во магацин, резултатите се јавни и транспарентни, што ни овозможува здрав натпревар меѓу колегите, но морам да истакнам и дека доколку некој колега има потешкотии, тука сме секогаш да помогнеме за и тој да ја оствари целта.
Покрај бенефитите за нас во магацин, за сите вработени компанијата има процес на наградување за особен придонес, дава ваучери за Нова година, бонуси, новогодишни пакетчиња за дечињата на вработените, како и пакетчиња за првачиња и слободен ден за родителите. Има награди за јубилантите, награди за нај колеги, награди за препорачани кандидати, надомест за стапување во брак и принова и поволности за купување на рати.
5.За кого е оваа позиција?
- Оваа позиција е за секој што сака да биде дел од магацинското работење и што сака динамична работа во пријатна работна средина. По толку години искуство, можам и мижејќи да се снајдам во магацин и да ги подготвам нарачките.
6.Зошто е добро да се биде магационер токму во Нелт?
- Затоа што има одлични услови за работа, можност за напредок, пријатна работна атмосфера и тимска работа. Голем дел од денот поминуваме на работното место, па многу е важна таа тимска работа и тоа што сме тука едни за други.