Седумте земји од Централна и Источна Европа, вклучени во анализата на Ерсте Груп, ќе се соочат со намалување на бројот на работоспособно население за околу 10 милиони до 2050 година, што ќе биде значаен предизвик за пазарот на труд и економијата воопшто.
Намалувањето на работоспособното население во земјите од Централна и Источна Европа изгледа неизбежно. До 2050 година, според анализата на Ерсте Груп, работоспособното население во седумте земји од Централна и Источна Европа ЦИЕ7 (Чешка, Хрватска, Унгарија, Полска, Романија, Словачка и Словенија) ќе се намали за околу 10 милиони луѓе, пишува „Форбс“ Хрватска.
Ќе имаме 47 милиони работоспособни луѓе меѓу 15 и 64 години наспроти 57,8 милиони лани. Тоа е пад од 18 отсто во следните две и пол децении.
Во исто време, населението над 65 години се зголемува и до 2050 година во оваа група ќе има 23,3 милиони луѓе, додека сега ги има околу 17,7 милиони.
Во последните две децении, во речиси сите набљудувани земји, има силно зголемување на учеството во работната сила, како и зголемување на вработеноста. Учеството се однесува на лица кои се вработени или активно бараат работа.
Во 2003 година, стапката на учество беше највисока во Чешка и Словачка со 70 проценти. Дваесет години подоцна, Чешка има стапка на учество близу 77 проценти, исто како и Словачка и Унгарија. Веднаш зад нив се Полска и Словенија со стапки на учество од 75 отсто, додека Хрватска дури сега е на 70 отсто. Најголем раст во набљудуваниот период е забележан во Унгарија, каде стапката на учество е зголемена за 17 процентни поени.
Ниската вработеност, исто така, веќе не е проблем во набљудуваните земји и сега е споредлива со просекот на Европската унија. Сепак, аналитичарите на Ерсте груп направија интересна пресметка – колку дополнителни луѓе би можеле да вработат набљудуваните земји, доколку ја подигнат вработеноста на ниво на Холандија, која е рекордер во ЕУ со околу 82 отсто вработени.
Севкупно, набљудуваните земји би можеле да вработат дополнителни седум милиони луѓе, а Хрватска е една од земјите со најголеми можности за подигање вработени. Доколку стапката на вработеност се изедначи со Холандија, тоа би значело вработување на дополнителни 450.000 луѓе.
Пофлексибилните начини на работа се еден од начините за активирање на работната сила и може да ги поттикне луѓето да бидат поактивни на пазарот на трудот или да останат активни подолго. Пандемијата донесе големи промени во методите на работа. Од 2023 година, приближно една четвртина од вработените имале хибриден начин на работа, односно комбинирале работа од дома и во канцеларија. Дополнителни 8 проценти работеле целосно од дома. Иако овие резултати се засноваат на истражување од САД, аналитичарите на Ерсте сметаат дека слични промени имало и во Европа.
Миграцијата може делумно да помогне во ублажувањето на недостигот на работна сила предизвикан од негативните демографски трендови. Како пример аналитичарите на Ерсте го посочуваат приливот на бегалци од Украина, кој според нив ја покажал потребата од работна сила во набљудуваните земји.
Имено, и покрај големиот прилив на Украинци, кој достигна дури 3,2 отсто од населението во Чешка и повеќе од 2 отсто во Полска и Словачка, немаше зголемување на невработеноста. Забрзано е пополнувањето на слободните позиции, што значи дека Украинците пополниле позиции кои долго време биле слободни или локалното население ги сметало за непожелни.