Во Македонија и натаму беснеат пожари, а пожарникарите се борат со огнената стихија. Со години во земјава има поплаки и критики дека немаме доволен број пожарникари, дека возилата се стари со децении и слично.
Направивме анкета со граѓаните за тоа дали би прифатиле да бидат обучени за доброволни пожарникари ако имаат таква можност во иднина.
„Зошто да не? Тоа ќе биде корисно. Инаку, моите деца се во странство, а треба да бидат вклучени помлади“, рече Драгица Миладиновска, граѓанка.
Следната соговорничка вели дека би било добро да имаме обучени луѓе за гаснење на пожари во што поголем број.
„Без разлика на вера, нација, политичка определба, добро е мажите да се вклучат во такви обуки и ако е потребно да помогнат, затоа што сè изгоре, а товарот паѓа веројатно на истите луѓе“, додава таа.
Друга млада девојка вели дека лично таа нема против да биде обучена околу гаснењето на пожари. Објаснува дека секое знаење плус е добредојдено.
„Тоа би било добро. Машката популација, помлада, да биде опфатена. Можеби и јас би се нафатила кога би имала можност“, рече Јасмина Т. граѓанка.
Словенија од 1869 година има доброволни пожарникари. Државата има илјадници луѓе обучени за борба со пожарите и таа бројка расте. Дури има и случаи кога повеќе членови на едно семејство поминале таква обука. Во земјава, ако државата се фокусира за обезбедување на поголем број на доброволни пожарникари, треба однапред да се планира обуката, потребна е опрема, но и да се размисли за правата на овие пожарникари, како би бил компензиран нивниот ангажман, дали би можеле да излезат од работа за да гаснат пожар ако се вработени и слично.
„Од невниманието или непрофесионалноста на дел од функционерите и институциите сојузот е на дното од пропаст, без финансирање. Доброволните друштва се без финансирање или само делумно се финансирани од општините. Доброволното пожарникарство не е регулирано, во законот стои дека мора да има организирана обука, системски да биде поставено. Во Пехчево е формирано на наша иницијатива пред 5 години, во Кочани, самоиницијативно се организираа оние кои беа загрозени при пожарите. Ги има во Свети Николе, две во Скопје, едното во Чаир, другото во Центар и во Неготино, во Валандово, Битола, и во другите градови скоро и да не функционира. Вкупниот број е помеѓу 300 и 400 пожарникари, но прашање е колку се активни во подготовка да делуваат. Сите кубурат со опрема, сите освен Чаир и Свети Николе, кои добија донација од Англија и други канали“, објаснува Зоран Кочоски, претседател на Противпожарен сојуз на Македонија.
Словенија и Хрватска се успешни, Австрија, Германија, Франција, Шпанија, се исто така добро организирани на ова поле. Кочоски вели дека мора да има систем, да има командна одговорност. Рече дека секаде се потребни вакви пожарникари и во урбана и во рурална средина. Вели дека посебно за големи шумски пожари, овие пожарникари би биле ефективни. Деновиве гори во околината на Пехчево, Македонски Брод, Кичево и други места.