Во текот на јули, Македонија сведочеше на зголемен број на случаи на ковид-19, со вкупно 250 регистрирани инфекции низ целата држава.
Оваа статистика го поттикна здравствениот сектор да ги засили мерките за превенција и да апелира до граѓаните за поголема внимателност.
Матичен лекар кој работи во една од скопските амбуланти, ни изјави:
„Сега повеќе од кога било, е важно да се придржуваме кон основните превентивни мерки како што се редовно миење на рацете, носење маски во затворени простории и одржување физичка дистанца. Оние кои ќе развијат симптоми треба веднаш да се самоизолираат и да побараат медицинска помош“, ни изјави докторката.
Таа додаде дека лекувањето дома треба да се врши под строг надзор на здравствен работник и дека употребата на одобрени лекови и витамини може да помогне во ублажување на симптомите.
Меѓу заболените е и Валентина Поповска, 36-годишна скопјанка, која сподели дека веќе четири дена не може да стане од кревет поради висока температура и големи болки во зглобовите и коските.
„Се чувствувам исцрпено и слабо, како да ме згазил воз. И секој обид за движење ми предизвикува голема болка“, изјави таа.
Надлежните институции продолжуваат да го следат развојот на ситуацијата и да ги ажурираат протоколите за лекување и превенција, со цел да се ограничи ширењето на вирусот и да се заштити јавното здравје.
Граѓаните се потсетуваат да останат информирани преку официјалните канали и да ги следат упатствата на здравствените власти.
Во текот на месецот јули регистрирано било и едно починато лице заразено со ковид-19, покажа извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Најголем број заболени биле регистрирани од возрасната група над 60 години и кај деца до 9 години.
„Во лабораториите во кои се спроведува молекуларно и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, во текот на месец јули, се тестирани вкупно 906 материјали со повеќе од двојно зголемување на бројот на тестирани во однос на минатиот месец – 409. Од почетокот на пандемијата, заклучно со 31 јули 2024, пријавени се вкупно 350.875 потврдени случаи на ковид-19 (I=19.103,4/100.000) и 9.992 смртни случаи (Mt= 544,0/100.000; CFR=2,8%)“, се појаснува во извештајот на ИЈЗ.