За 629 денари се зголемиле минималните месечни трошоци на едно семејство во август во споредба со јули, објави денеска Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), кој ја изработува синдикалната минимална кошница. Според пресметките на ССМ, во август вредноста на минималната кошница изнесувала 61.199 денари.
Според податоците на ССМ во периодот од јануари до август, минималната потрошувачка кошница е зголемена за 4.036 денари, а од кога се пресметува по новата методологија, односно од декември лани до август годинава за 4.677 денари.
„Податоците од синдикалната минимална кошница покажуваат дека и без зголемување на платите, трошоците за живот вртоглаво растат, нема оправдување за тоа, а истото никој не се обидува да го спречи, а ги прави граѓаните, работниците и пензионерите уште посиромашни. Податоците од синдикалната минимална кошница треба да ги разбијат дилемите на сите оние кои мислат дека работничките плати се највиновни за растот на инфлацијата односно растот на трошоците за живот. Само со зголемување на платите може да се зачува животниот стандард на работниците и токму затоа барањата на работниците за зголемување на платите се оправдани“, велат од ССМ.
Државниот завод за статистика измери инфлација во јули од три проценти на годишно ниво.