Просветните работници откако ќе го одработат првиот ден од новата учебна година, ќе заминат на првиот од серијата протести, а мразот ќе се крши во Битола.
Бараат плати повисоки за 40 насто и почитување на колективните договори. Сојузот на синдикатите инсистира на минимална плата од 450 евра. Премиерот прифаќа да седне на маса и да разговара, откако ќе се отстрани опозициско-синдикалната спрега која ја препознава во настапите и барањата. Лидерот на опозицијата смета дека таквите изјави се навредливи, а првиот синдикалец порачува политичарите да си ја гледаат работата.
Реалноста, пак, е – минимална плата од 22.567 денари (околу 365 евра) и просечна нето-плата за јуни од 41.939 денари, што е еднакво на 682 евра. Со ова, Македонија се позиционира на долниот дел од скалата според примањата во земјите од регионот. Згора на тоа, минималната синдикална кошница за јули е 60.570 денари или близу илјада евра, и постојано напредува.
Всушност, споредбите со другите од опкружувањето покажуваат дека и минималецот и просекот се релативно ниски. Конкретно, Словенија има највисока просечна плата во регионот од 1.501,97 евра. Повеќе од двапати во однос на македонската просечна плата. Словенечкиот минималец во бруто-износ е 1.254 евра, а нашиот 33.352 денари (542 евра).
Хрватска има просечна плата од 1.315 евра, додека минималната плата изнесува околу 700 евра.
Од државите кои не се дел од ЕУ, се издвојува Црна Гора, чија минимална плата наскоро ќе достигне 600 евра за работниците со основно и средно образование и 800 евра за оние со високо образование. Просечната плата во оваа земја е 838 евра.
Србија има минимална плата која е одредена на 47.696 динари (околу 406 евра) за оваа година, со очекувања дека ќе се зголеми на повеќе од 52.000 динари (околу 443 евра) во 2025. Таму се во тек преговори во рамките на економско-социјалниот совет, а властите конечно треба да се изјаснат во среда. Сепак, има реакции дека е неприфатлив предлогот за новото ниво на минималецот, затоа што потрошувачката кошница за мај е околу 53.000 динари.
Македонските примања делуваат утешително доколку се споредат со оние во Босна и Херцеговина, која според пишувањето на агенцијата „Анадолија“ ја има најниската просечна плата во регионот од околу 702 евра. Минималната плата е 316 евра. Уште подобри сме во однос на Косово, каде што минималната плата е 130 евра за работниците до 35-годишна возраст и 170 евра за тие до 65 години. Лани таму беше донесен закон за минимална плата, кој предвидува износ од 264 евра бруто и 250 евра нето, но практична примена нема. А, и таа сума веќе нема никакво значење во однос на животниот стандард, па и на Косово се бара минималец од 450 евра.
Како што вели македонскиот премиер – сите заслужуваат повисоки плати. „Секој кој што работи, кој што се труди, кој што чесно работи согласно закон и Устав заслужува повисока плата и тука не треба да има никаква дилема“. Наспроти тоа, претседателот на ССМ ги изнесе податоците дека 10 илјади работници примаат плата под нивото на минималната, а 25 илјади работници колку што е најнискиот праг – 22.567 денари.