Потенцијалот за високи примања и флексибилноста на информатичките професии беа меѓу најчестите причини што ни ги посочија идните студенти кога ги прашавме зошто одлучиле да се запишат на ФИНКИ - велат од Мета.мк
Илјадници потенцијални идни студенти од утрово поминаа низ ходниците и дворовите на факултетите кои се дел од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, за да се запишат на некоја од студиските програми што ги нуди универзитетот.
Денеска и утре трае првиот уписен рок на најстариот универзитет во земјава. Откако се пријавија електронски, идните бруцоши овие два дена треба да ги достават оригиналните документи и во хартиена форма во службите за студентски прашања.
Најмногу слободни места, според конкурсот на УКИМ, и годинава има на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) – вкупно 1.030 и на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) – 1.020.
ФИНКИ е факултетот за кој со години постои најголем интерес за студирање, што го прави најголемиот факултет во државата, со безмалку 5.000 студенти.
Сепак, за разлика од минатите две години, кога првиот уписен рок беше проследен со слики од долги редици и гужви, годинава на ФИНКИ уписите на новите студенти се одвиваат поорганизирано и без подолги задржувања.
Првиот уписен рок на УКИМ трае и утре. Прелиминарните резултати ќе бидат објавени во вторник, на 3 септември, додека конечната ран-листа со решение за прием на кандидатите се очекува следниот петок, на 6 септември.
Запишувањето, пак, е на 11 и 12 септември.
Вториот уписен рок за прием на студенти на оние студиски програми на кои останале слободни места ќе биде на 17 и 18 септември, а третиот на 27 септември.
Целиот текст прочитајте го на: meta.mk