Колонија на инвазивната црвена џуџеста медена пчела е пронајдена за прв пат во Европа. Ова откритие на видот Apis florea на Малта ги зголеми стравувањата од можни сериозни последици.
Овие инвазивни пчели потекнуваат од Азија, а нивното појавување во Европа предизвика вознемиреност кај локалните пчелари и активисти за заштита на природата кои стравуваат од катастрофални последици за домородните пчелни популации, пишува Гардијан.
„Загрижувачки е што на Малта е пронајден Apis florea. Тие најверојатно ќе се натпреваруваат за полен и нектар со нашите домашни опрашувачи, група инсекти кои веќе се намалуваат. Исто така, многу е веројатно дека овие пчели ќе носат повеќе болести на кои европските пчели може да имаат мала отпорност“, предупреди Дејв Гулсон, професор по биологија на Универзитетот во Сасекс.
Претходните извештаи покажуваат дека инвазивните црвени џуџести медоносни пчели полека се шират од Азија до Блискиот Исток и североисточна Африка, но до сега не се регистрирани во Европа.
Откако колонијата беше откриена и идентификувана и потврдена дека е Apis florea, таа веднаш беше отстранета и уништена. Сепак, истражувачите се сомневаат дека група пчели веќе ја напуштиле кошницата за да започнат нова колонија.
Близината на колонијата до слободното пристаниште Бирзебуг, главниот карго центар на Малта, сугерира дека пчелите можеби пристигнале со трговски брод.
Истражувачите веруваат дека благите зими во Малта и другите јужноевропски земји го поддржуваат опстанокот на овој инвазивен вид.
Џулијана Рангел, професорка по пчеларство на Универзитетот А&М во Тексас, Рангел, истакнува дека за само неколку години овој вид би можел да се прошири на други места.
„Единственото нешто што можеме да направиме е да бидеме внимателни, да известуваме секој пат кога ќе се забележат нови или различни примероци, да ги отстрануваме кога ќе бидат позитивно идентификувани, да ја пребараме областа и да продолжиме со мониторингот, особено во влезните пристаништа каде што роевите можат да патуваат со брод“, додава Рангел.