Нешто над 20 отсто од младите луѓе во земјава на возраст од 15 до 29 години се невработени. Овие информации се заклучно вториот квартал од годинава. Активноста за вработување кај младите достигна 45 отсто. Податоците од извештајот покажуваат дека и во однос на полот стапката на невработеност кај младите е речиси идентична, како кај жените така и кај мажите и изнесува околу 23 отсто.
Тоа што го подигнува оптимизмот во Македонија во однос на младите е дека стапката на невработеност кај граѓаните од 15 до 29 години се намалува. Ако на крајот на првиот квартал невработеноста изнесувала 23, 4 отсто – три месеци подоцна односно на крајот на вториот квартал невработеноста кај младите е на ниво од 22,8 отсто. Можностите за вработување кај младите се се поголеми, но реалноста вели дека ова намалување е и поради континуираното иселување на населението од земјава.
„Заклучно првиот квартал од 2024 година бројот на работоспособно население изнесува 1 515 603 граѓани. На крајот на вториот квартал работоспособното население изнесува 1 151 388.“ извештај на ДЗС
Овие податоци велат дека 215 граѓани за овие три месеци кои се на возраст од 15 до 29 години се вработиле или ја напуштиле земјава. Тоа што загрижува како податок во извештајот е дека невработеноста во земјава е највисока токму кај младите луѓе. Во другите возрасни категории на граѓани невработеноста изнесува 12 отсто.
Една од студиите кои се изработени на оваа тема покажува дека младинската невработеност претставува предизвик како за оние кои немаат доволно вештини, така и за оние кои имаат повисоко ниво на образование, но едноставно не можат да најдат вработување соодветно на нивните квалификации. Во студијата на УСАИД се наведува дека сепак, несомнено секое дополнително ниво на завршено образование и здобиени вештини прогресивно ја намалува стапката на невработеност на овие млади лица. Дури една третина од младите во земјата спаѓаат во категоријата лица што ниту се вработени, ниту се вклучени во образование. Дополнително, многу од младите лица се вклучени во сивата економија односно 48%, а дури 28% работат нешто што не соодветствува на нивните квалификации.
„За разочараноста на младите сведочат и бројките: 87,3% од младите сметаат дека државата не го користи нивниот потенцијал; 84% од младите сметаат дека државата не обезбедува можности за развој; 76,7% од младите кои во моментот живеат во РСМ размислуваат да се иселат од државата; 90% од младите сметаат дека актуелните политики за млади во државата се неефикасни; 67,4% сметаат дека државата воопшто нема стратегија како да ги задржи младите во РСМ. Некои од причините кои биле наведени од младите како фактор за нивното иселување биле следните: 60% поради лошиот квалитет на живот (здравство, образование, пристап до јавни услуги, образование, животна средина), a 20% поради недостатокот на вработување.“ стои во анализата на УСАИД
Актуеланата стратегија на државата е со важност до 2027 година. А лани пак донесена е и национална стратегија за млади која има за цел да ги подобри условите за живот на младите во земјава и со факти да убеди дека постојат добри услови за живот во Македонија.