Граѓаните, наместо до 15:00 часот, ќе може да перат и да готват на евтина струја до 16:00 часот. Регулаторната комисија за енергетика ги прави последните анализи за воведување дополнителен час на евтина тарифа во текот на денот. Предвидено е да започне ова на 1 ноември. Дотогаш останува евтината тарифа во ноќните часови, односно од 22:00 до 7:00 часот наутро и 24 часа во недела.
Регулаторната комисија за енергетика ги прави последните подготовки за воведување евтина тарифа и очекува сè да биде според планираната динамика.
– Во тек се анализите за воведување дополнителен час на евтина тарифа во текот на денот. Станува збор за опсежна енергетска анализа во која, освен енергетскиот аспект, значајно влијание имаат и финансиските елементи, особено ако земеме предвид дека сме во фаза на стабилизација – по пандемијата и енергетската криза – изјави првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски.
И покрај тоа што најголема корист од евтината тарифа ќе имаат пензионерите, сепак, од овој дополнителен час заштеда во домашниот буџет ќе имаат и оние граѓани што се враќаат порано од работа. Така, од 15:00 до 16:00 часот ќе може да се зготви ручек или да вклучи една машина за перење алишта, за садови…
Од РКЕ велат дека во исто време мора да водиме сметка да има сигурна и стабилна испорака на електрична енергија и сериозно да се стабилизира системот за да може да изгради простор за понатамошни можни екстерни шокови. Регулаторна ќе ја донесе финалната одлука кон крајот на месецов. Засега останува на сила евтината тарифа во ноќните часови и во недела.
Она што загрижува е што изминативе неколку месеци, берзанските цени на електричната енергија во регионот се повисоки од цените на берзите во Западна Европа и во Скандинавија. Поради тоа, тој апелира до енергетските компании да купуваат струја во периодите кога е евтина.
– Ја прошируваме бесплатната тарифа за да ја искористиме евтината цена на струјата во овие периоди. Исто така, испраќаме сигнал до ЕСM и до „ЕВН Хоум“ да купуваат струја во тие периоди, особено „ЕВН Хоум“. Ќе понудиме пониска цена на струјата, што е многу можно да ни овозможи да ја намалиме цената на струјата за домаќинствата – вели Бислимоски.
Во 2021 година, во текот на енергетската криза, Регулаторна, по серија анализи, реши да ја укине дневната евтина тарифа со образложение дека таа услуга е многу скапа за државата. Официјално се случи тоа во јануари 2022 година, а ставот на надлежните беше дека доколку остане дневната евтина тарифа на сила, во тој случај зголемувањето на цената на електричната енергија ќе изнесува 14,2 отсто. Една година подоцна или во декември 2023 година, регулаторот повторно реши дека има простор за враќање на дневната евтина тарифа од 13:00 до 15:00 часот. За целото ова време, домаќинствата имаа евтина тарифа и во ноќните часови, односно од 22:00 до 7:00 часот наутро и 24 часа во недела.