Општина Карпош во соработка со полицискиот боречки клуб „Безбедност“ ќе продолжат со бесплатната обука за самоодбрана и фитнес, наменета за жени и девојки кои живеат на територијата на Карпош.
„Обуката започна во февруари годинава, а по двомесечна пауза поради годишните одмори, продолжува од понеделник со нови термини и ќе трае до 30 ноември. Новите термини се понеделник и среда од 21.00 до 22.00. За сите нови информации учесничките на обуката може да се обратат кај Страшо Глигоров 070/274-813.
Оваа иницијатива ја подржаа советниците од Општина Карпош како дел од проектот „Фитнес и самоодбрана за девојки и жени“ во рамки на Програмата за еднакви можности меѓу мажите и жените“, се вели во соопштението.
Од таму додаваат дека учесничките преку оваа обука ќе се стекнат со техники за самоодбрана од напад на вооружен и невооружен напаѓач, за задржување на контролата, како и техники за реагирање во различни ситуации. Овој проект има за цел да ја промовира родовата еднаквост и да го поттикне развојот на едукативни информации кои се поврзани со здравјето, виталноста и физичката култура кај жените и девојките. За реализација на овој проект, локалната самоуправа од својот буџет обезбеди финансиски средства во висина од 100.000 денари.