Социјалните мрежи се составен дел од нашиот живот, имаат свои позитивни, но и негативни страни. Тие ни нудат многу корисни информации, се информираме за обуки, доедукација, вработување, но во исто време постојат и луѓе кои преку социјалните мрежи креираат некој имиџ за себе кој е нереален.
Користењето на социјалните мрежи го олеснува нашето живеење од една страна, но од друга страна треба да внимаваме какви информации споделуваме за да не дојде до злоупотреба.
„Животот во време кога технологијата е во полн ек претставува своевиден предизвик за општеството и социјалните категории. Тоа е трансформирачки, па дури и еволуциски момент во начинот на живеење кој ги засегнува сите структури. Зошто развојот на технологијата и социјалните медиуми е предизвик? Важно е да се истакне за разликите во однос на знаењето, примената и улогата на технологијата во животот на сите нас. Во едно типично семејство присутни се лица од три различни животни фази или различни генерации (некаде и повеќе од три). Тоа значи дека денешното типично семејство е составено од лица родени во време кога од технологија можеби имале фиксен „домашен“ телефон (некои го немале ниту тоа) и евентуално телевизор; понатаму втората генерација се лица кои додека растеле технологијата започнала брзо да се развива и наскоро добиле свој мобилен телефон, лаптоп, компјутер и слично и последната генерација ги опфаќа лицата „родени со технологија“. Познато ни е колку е важен развојот на личноста и нејзиното детство, па оттука и во однос на гореспоменатото имаме луѓе кои тешко ја прифаќаат или воопшто не ја прифаќаат технологијата како дел од нивниот живот, луѓе кои ја користат и се прилагодуваат на технологијата (учат, се едуцираат...) и луѓе кои во иднина нема за знаат како без технологија, од причина што почнуваат со користење на различни технолошки уреди уште пред да проодат. Затоа ова време на живеење е предизвик за општеството во целина“, вели Јана Момировска, специјален едукатор и рехабилитатор, едукант на семејна и системска психотерапија.
Таа додава дека придобивки од технологијата имаме во изобилие. Всушност, тоа е причината поради која човекот ја осмислил и ја развива. Ни користи така што ни го поедноставува живеењето.
„Преку неа лесно доаѓаме до информации од различен тип; комуникацијата е поедноставена; можеме да се едуцираме или да се информираме за училишта, центри, институции, обуки и курсеви каде можеме да го надоградуваме нашето знаење; лесно имаме увид во огласи за вработување, недвижности, онлајн продавници; онлајн маркетингот е прилично застапен, како и онлајн состаноците, работењето итн. Со други зборови, технологијата е толку развиена што без неа не можеме да функционираме во денешниот свет како активни човекови битија. Придобивките се многустрани и генерално се однесуваат на можностите што таа ги нуди, на достапноста, флексибилноста, олеснувањето што го носи, практичноста и нејзината сестраност. Социјалните мрежи пак, исто така се многу корисни, токму затоа што ни овозможуваат контакт, вмрежување и поврзување со луѓе, приватно и професионално. Всушност, се' горенаведено е во наша полза. Каде и да сме во светот можеме да бидеме во постојан контакт со нашите блиски, да ги следиме содржините што тие ги објавуваат на нивните профили и слично“, објаснува Момировска.
Вели дека она што не ни е од полза е погрешното користење на социјалните мрежи, што може да биде од неколку аспекти. Пред се‘, треба да размислиме добро пред да споделиме премногу наши лични информации, фотографии и друга содржина која може да биде злоупотребена. Понатаму, треба да ја подигнеме свеста за тоа кој има пристап до она што го објавуваме на нашите профили, дали лицата кои стојат зад профилите нам ни се познати итн. Момировска вели дека приватноста сепак треба да остане за нас и за оние кои ни се најблиски, односно тоа се луѓето кои се секојдневно присутни во нашиот живот и нè познаваат на начин кој не е пласиран на социјалните мрежи. Објаснува дека многу значаен е и психолошкиот момент.
„Имено, во денешницава сè почесто ја забележуваме сликата на екранизирани луѓе. Без разлика дали се во социјално опкружување, во кафуле, ресторан, автобус, парк... луѓето се учат како да „избегаат“ од реалноста, ситуациите и проблемите, преку неуморното „скролање“ на социјалните мрежи. Добиваме време исполнето во содржина која што не е значајна, оптоварен мозок со купишта непотребни информации, постепено се намалува капацитетот за внимание и концентрација на едно нешто (кратките видеа кои се гледаат на социјалните мрежи во просек траат околу една минута), човекот се десоцијализира бидејќи недостасува социјалниот контакт во неговата вистинска смисла, а времето поминато на социјалните мрежи на непродуктивен начин на крајот од денот не ни ги решило проблемите во реалниот живот. Луѓето што практикуваат вакво користење на социјалните мрежи може да имаат значителни последици врз говорот и комуникацијата, вниманието, концентрацијата, прекумерно се стимулирани визуелно, физичката активност се намалува, а најмногу од сè се губи квалитетот на социјалниот живот и релациите во него. Постои уште еден, не помалку значаен психолошки момент на негативно користење на социјалните мрежи, а се однесува на одвојувањето од себеси и тоа што сме ние, преку пласирање на живот кој не го живееме во реалноста. Овој феномен е чест кај луѓе кои стагнираат на лично, професионално и развојно поле. Сакаат да направат промени во својот живот, но не преземаат чекори за остварување. Се чувствуваат неисполнето, неуспешно, но и покрај тоа продолжуваат да стагнираат, подлегнувајќи на можноста на социјалните мрежи да пласираат „розев“, убав, успешен и среќен живот. Тука повторно зборуваме за бегство од реалноста, кое не нè усреќува. Исто така, сè почесто луѓето одбираат професии поврзани со информатиката, програмирањето или пак професии кои подразбираат часови поминати пред екран. На овие лица им се препорачува минимално користење на електронските уреди по работно време и што повеќе поминато време во социјална средина“, додава Момировска.
Нагласува дека ни е потребно умерено користење на уредите со екрани воопшто, како и градење на култура на разговор, со цел да бидеме поприсутни со себе и другите во моментот кој го живееме. Кога социјалните мрежи ги користиме наменски, за да оствариме комуникација, да споделиме, да се едуцираме, тогаш имаме придобивки и зборуваме за здрав и продуктивен начин на користење кој може да го зголеми квалитетот на нашиот живот.
Во истражување на јавното мислење кое за Детектор оваа година го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје, се покажа дека најголемиот дел од граѓаните или 25,4 отсто на интернет дневно поминуваат меѓу 1 и два часа, додека 18 отсто поминуваат под 1 час, а 14,6 отсто на интернет се повеќе од 4 часа секој ден. Граѓаните од социјалните мрежи најчесто користат Фејсбук.