Во далечната академска 1976/1977 година имало 34.891 студент (на било која студиска година) на 19 факултети.
Потоа, бројот на факултетите и на студентите постепено се зголемувал, за точно пред 40 години, односно во 1983/1984 година има 32 факултета со 35.916 студенти. Во тековната академска 2023/2024 година има 131 факултет, а бројот на запишаните студенти е 52.316, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Притоа, бројот на студентите кои се запишале на прва година е 15.330 или 29,3 % (тука се опфатени и студентите што запишуваат прва година по втор, трет и повеќепати).
Бројките покажуват дека денеска имаме дури 42,4% повеќе студенти отколку пред 40 години. Но, истовремено имаме дури 99 факултети повеќе и тројно зголемен наставен кадар. Сепак, за да се утврди – дали во однос на периодот од пред четири децении, младината е сега толку многу поориентирана кон академската диплома, неопходно е да се види нивното учество во вкупното население. Што значи, да се изанализираат податоците за тоа колкав процент од жителите зафаќаат младите кои студираат (од 18 до 23-годишна возраст) во сите изминати години.