За последните десет години, бројот на студенти во земјава се намалил за 7.043, односно за 12 проценти, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Најголем пад од 11.150 студенти, односно 22 отсто има на државните универзитети. Наспроти тоа, на приватните има 4.054 или 56 проценти студенти повеќе. Кај верските високообразовни установи има 53 или 20 отсто повеќе студенти.
Бројот на студенти во земјава го достигнал најниското ниво во пандемиската 2020/21, само малку повеќе од 50 илјади. По порастот во следните две учебни години, вкупниот број студенти повторно паднал во последната учебна година.
Бројот на студенти на државните факултети постојано се намалува во последните десет години и од некогашните скоро 52 илјади студенти, сега е сведен на едвај нешто повеќе од 40 илјади. Најголем губитник воопшто е најголемиот државен универзитет, скопскиот УКИМ, каде за десет години има скоро 5 илјади студенти помалку. Во тие рамки, во апсолутни бројки, најмногу студенти загубиле Економскиот факултет во Скопје, 2.273, Филолошкиот факултет 1.844 студенти и Градежниот факултет, 689.
Во однос на процентуалните загуби, најмногу студенти од УКИМ загубил Шумарскиот факултет – 69 %, потоа Филолошкиот кој загубил 64 % од студентите, потоа Градежниот со загуба од 62 %, Земјоделскиот со 60 % и Правниот факултет, 55 %.
Спротивно, од сите 23 факултети на УКИМ, само на четири има повеќе студенти, споредено со бројот од пред десет години. Најголем пораст има на ФИНКИ, 3.081 студент или 188 % повеќе студенти. Следи Медицинскиот факултет со 1.037 или 55 % студенти повеќе, па Фармацевтскиот факултет со 106 или 18 % повеќе студенти, и Факултетот за дизајн со 43 или 10 % повеќе студенти.
Вкупниот број на студенти на приватните високообразовни установи, осцилира од година во година, иако збирно, во последната учебна година имало 4.054 студенти што е 56 % повеќе отколку пред десет години. Таму, најмногу студенти имало претходната учебна година, 2022/23, кога имало и најголем годишен пораст, додека најмалку имало во учебната 2018/19.
Убедливо најмногу студенти во земјава има на медицинските науки, повеќе од 10 илјади или дури 20 % од студентите се запишани на некоја од медицинските високообразовни установи. Од другите струки, покрај медицинскиот, втора струка со најмногу студенти е информатичката, со вкупно 6.655 студенти, а трета, со приближно исто толку студенти, односно 6.065 е економската.
Најмногу студенти по одделни факултети има на скопски ФИНКИ (4.722), на трите државни медицински факултети, во Тетово (3.354), Штип (3.186) и Скопје (2.915), како и на скопскиот Економски факултет (2.022).
Соодветно на генералното намалување на бројот на студенти во земјава, се намалува и бројот на запишани студенти на прва година во високото образование.
Ако пред десет години имало без малку 19 илјади бруцоши, сега бројот на новозапишани студенти изнесува околу 15 илјади. Имено, само за десет учебни години, вкупниот број запишани студенти во прва година е намален за 3.612, односно за 19 %.
Најмалку бруцоши имало во пандемиската 2020/21 година, малку повеќе од 12 илјади. Оттогаш наваму, односно во последните три години е забележан постојан пораст на бројот на студенти што се запишале на прва година на некоја од високообразовните установи во земјава.
Во однос на бројот на студенти во прва година, има најголеми разлики меѓу државното и приватното високо образование.
Прво, во последните десет години, бројот на запишани студенти во државните високообразовни институции бележи пад од 4.168 студенти или 26 %, додека таа бројка е во пораст кај приватните високообразовни институции и тоа за или 550 студенти или 19,4 %.
Второ, за разлика од државните универзитети кои во пандемиската учебна година имале рекордно најнизок број на новозапишани студенти, прв пат под 10 илјади, приватните таа година имале пораст на студенти во прва година.
Трето, државните универзитети почнаа да привлекуваат повеќе студенти минатата година, кога бројот на новозапишани се врати на нивото од пред пандемијата, додека на приватните има благо намалување на бројот на бруцоши во однос на досега рекордната 2022/23 учебна година.
Во однос на верските факултети, и кај двата, Православен богословски и за Исламски науки има пораст на вкупниот број студенти во изминатите десет години, но кај Православниот само за 2,5 %, додека кај Исламскиот за 27 %. Во однос на бројот на новозапишани студенти, десетгодишната споредба вели дека на Православно богословскиот факултет има намалување на бруцоши за 17 %, додека на тој за Исламски науки има зголемување на интересот за студирање за 21 %.
Целиот текст прочитајте го на: brif.mk