Сивата економија претставува значаен проблем за економиите ширум светот, а Македонија не е исклучок.
Неформалниот сектор, каде што се одвиваат активности надвор од легалниот економски систем, вклучува широк опсег на дејности – од продавање на производи и услуги без издадени сметки до вработувања кои не се пријавени.
Според последните анализи, опсегот на неформалната економија во Македонија се проценува на приближно 30% од бруто домашниот производ (БДП), што е висока стапка во споредба со другите земји од регионот.
Годишно, државата губи милијарди денари во буџетот поради непријавени економски активности, средства кои би можеле да се инвестираат во здравството, образованието или во инфраструктурата.
Економистот Александар Дојчинов истакнува:
„Сивата економија е хроничен проблем за Македонија и носи со себе повеќеслојни штети. Не само што државата губи значителни приходи, туку се создава и нелојална конкуренција. Оние кои работат легално и плаќаат даноци се во неповолна позиција во споредба со неформалните субјекти. Со тоа што сивата економија ги ‘извлекува’ средствата од формалниот сектор, ја намалува и стабилноста на целиот економски систем“.
Главните двигатели на сивата економија се неповолните економски услови, сиромаштијата, високиот даночен товар и недоволната доверба во институциите.
За многумина, неформалните пазари претставуваат единствен начин за обезбедување на доход. Но, работниците во овој сектор се изложени на несигурност, бидејќи немаат работни права и социјална заштита.
За намалување на сивата економија, Дојчинов препорачува:
„Потребни се даночни олеснувања и намалување на бирократските бариери за да се поттикне легалната економија. Заедно со зајакнување на инспекциските служби, овие мерки би можеле значително да помогнат во легализирањето на неформалните пазари“.
Со спроведување на вакви реформи, Македонија би можела да го зголеми државниот приход и да обезбеди подобри услови за живот на своите граѓани, со поголем пристап до јавни услуги и стабилна економија.
Извор: denar.mk