Првиот дрвен сателит во светот, развиен од јапонски научници, денеска беше испратен во вселената, што претставува ран тест за употребата на дрвото во истражувањето на Месечината и Марс. „ЛигноСат“, развиен од Универзитетот во Кјото и компанијата „Сумитомо форестри“ ќе лета до Меѓународната вселенска станица, па ќе биде лансиран во орбитата на околу 400 километри над Земјата.
Именуван по латинскиот збор за „дрво“, „ЛигноСат“ има задача да го докаже космичкиот потенцијал на обновливиот материјал. „Со дрвото, материјал што можеме сами да го произведеме, ќе можеме да градиме куќи, да живееме и да работиме во вселената засекогаш“, вели астронаутот Такао Дои.
Со педесетгодишен план за садење дрвја и изградба на дрвени куќи на Месечината и Марс, тимот на Такао Дои одлучи да развие дрвен сателит со сертификат на НАСА за да докаже дека дрвото е материјал соодветен за вселената. Дрвото е поиздржливо во вселената отколку на Земјата бидејќи нема вода или кислород за да изгние или да се запали, вели Која Мурата, професор на Универзитетот во Кјото
Извор: „Индекс“