Од денес стапува на сила обврската за задолжително користење на зимска опрема за возилата, која ќе трае до 15 март следната година.
Каква зимска опрема е задолжителна согласно законот?
Како што информираше АМСМ, за возилата чија маса не надминува 3500 килограми, потребни се зимски пневматици со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од четири милиметри (4 mm) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази минимум од четири милиметри (4 mm) и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
За возилата со погон на сите четири тркалата потребни се зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, од шест милиметри (6 mm) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, од најмалку четири милиметри (4 mm). Синџири за снег потребно е да поседува секое возило со пневматици со летен профил, и притоа, во случај кога возилото е во постојан погон, синџири за снег треба да има најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да има најмалку на постојано вклучената осовина. Возилата со маса над 3500 килограми треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочината на шарите на слојот што гази, по обем и широчина од шест милиметри (6mm) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, со минимум од четири милиметри (4 mm) и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака: „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.
Совети за возење во зима
Возењето во зимски услови, дури и кога нема снег е различно и поопасно од возењето во летни услови, па потребно е да се подготвите и вие и вашето возило за зимата.
При возење на влажна површина или на снег е потешко да се сопре возилото, поради што се препорачува поспоро возење и оставање поголем простор помеѓу нас и останатите возила на патот. Исто така се препорачува и да не возите премногу блиску до камионите, особено тие кои го чистат патот, бидејќи тие се движат значително поспоро од останатите возила.
Што да правите во случај на дефект?
Доколку во зима се најдете со дефект застанати на пат, експертите препорачуваат да го направите вашиот автомобил видлив, но и да останете во него, со цел да не се изложувате на претерано ниски температури. Поставете светли маркери на антената или прозорците и доколку можете оставете ги внатрешните светла вклучени.
Исто така внимавајте, доколку автомобилот останува вклучен, ауспухот да не биде заглавен од снег, со цел издувните гасови да може нормално да излегуваат.
Пред зимските патувања треба да внимавате и на притисокот на воздухот во вашите пневматици. Како што се намалуваат надворешните температури, така се намалува и притисокот во пневматиците. Проверувајте барем еднаш месечно дали секоја гума е напумпана согласно препораките. Експертите препорачуваат проверките да ги правите кога гумите се ладни, односно кога не се долго возени.
Што е препорачливо да чувате во возилото во зима?
Погрижете се во вашето возило да имате лопата за снег, метла и стругалка за мраз, абразивен материјал во случај вашето возило да се заглави во снегот, кабли за палење, дополнително светло, комплет за прва помош, ќебиња за заштита од студ; мобилен телефон и полнач, вода, храна и сите потребни лекови.
Како да ги облекувате децата за зимските патувања?
При возењето во ладно време, родителите исто така ги облекуваат нивните деца со повеќе слоеви, но важно е да се знае дека носењето дебела јакна на вашето дете кое е сместено во детско седиште ви оневозможува да го врзите правилно. Кога детето се сместува во детско седиште погрижете се да биде облечено во топли, но потенки алишта, за да може системот за врзување да биде правилно прицврстен и реално да го заштитува вашето дете при несреќа.
Извор: racin.mk