Вработени од над 100 компании пријавиле до Трудовиот инспекторат дека не им бил исплатен регрес за годишен одмор (К-15), известува Сител.
Доколку Трудовиот инспекторат утврди дека некоја компанија нема исплатено К-15, тој и дава рок на истата да го исплати, а доколку компанијата одбие да го испочитува решението, ќе треба да плати парична казна од 3.000 евра.
Инаку, Трудовиот инспекторат ќе врши засилени контроли во фирмите за исплата на регресот за годишен одмор.
Надзорот ќе се спроведува до крајот на февруари, а мета на инспекторите се компании од сите дејности, вклучително и текстилните фабрики.
Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека најголемиот дел од претставките во изминатите неколку години доаѓаат токму од работниците во горенаведените дејности.
Според Законот за работните односи, секој работник во приватниот сектор има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 отсто од износот на просечната нето плата во последните три месеци, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во годината кај ист работодавач.
Компаниите имаа обврска регрес за годишен одмор да исплатат до 31 декември.