Планините Кетскил, лоцирани на југоисток од американската држава Њујорк, на околу 60 километри од главниот град Албани, се неисцрпен извор на информации за древното минато на нашата планета.
Едно од поновите откритија направено во овој регион е навистина возбудливо.
Чарлс Вер Страетен, геолог вработен во Државниот музеј на Њујорк, открил необични разгранети структури во тамошниот каменолом и претпоставил дека станува збор за корења од дрвја. И во право бил – пронашол фосилни остатоци од најстарата позната шума на нашата планета.
Неговата анализа покажала дека дрвјата се стари 386 милиони години, а со нивна помош научниците сега подетално ќе прочувуваат како се менувала климата на Земјата во тој долг период.
На местото биле пронајдени три вида дрвја, а особено било интересно дрвото од родот „Архаеоптерис“ со корења долги повеќе од 12 метри. Дрвото е слично на модерниот четинар, а научниците веруваат дека тоа се првите дрвја што развиле рамни зелени лисја.
– Овие дрвја ефикасно го отстранувале јаглеродниот диоксид од атмосферата. До крајот на периодот девон, односно пред 360 милиони години, нивото на јаглеродниот диоксид паднало на денешното ниво – објаснува палеонтологот Кристофер Бери.
Државата Њујорк е богата со фосили од древни дрвја бидејќи лежи на стар планински венец. Споменатиот фосилен наод е оддалечен помалку од 40 километри од шумата, која досега се сметаше за најстара во светот.
– Проучувањето на овие древни шуми би можело да ни помогне во борбата против климатските промени. Да се разбере како се променила климата во минатото е клучно за предвидувањата на иднината – вели еволуцискиот биолог Сенди Хетерингтон.