Физички лица од странство повеќе нема да можат да регистрираат .mk домен, откако МАРНет неодамна го промени Правилникот за организацијата и управувањето со врвните национални интернет домени.
Ваквата промена доаѓа со промена на член во Правилникот каде регистрацијата на .mk домен сега се ограничува на сите физички и правни лица само со живеалиште или престојувалиште во Македонија. Во меѓувреме, за регистрација на .mk домен, странските правни лица треба да бидат идентификувани преку регистар од својата држава.
Промените во Правилникот доаѓаат по 10 години, односно откако тој е донесен во 2014 година, објаснува претседателот на Управниот одбор на МАРНет Иван Чорбев за Радио МОФ.
„Соочувајќи со се почести предизвици кои бараат внимателно, но и брзо реагирање за да се надминат, како и брзите и чести промени во интернет просторот, се наметна потребата од донесување на нов Правилник. Со него ќе биде допрецизирана и доуредена пред се’ постапката за регистрација на домени особено од аспект на сајбер безбедност, а се во насока на намалување на можноста на се почестата злоупотреба на регистрираните имиња на домени како и намалување на можноста за регистрација на малициозни национални интернет домени“, посочува Чорбев.
Со новиот Правилник, тој истакнува дека е исклучена можноста имагинарни, односно непостоечки лица да бидат регистранти на Интернет домен во земјава. Во случај на злоупотреба на регистриран интернет домен, вели дека ќе има реално лице кое би можело да се повика на одговорност за евентуални злоупотреби, што до сега не било случај со одредбите од стариот Правилник.
Правилникот носи и други промени
Новиот правилник воведува значајни промени во регистрацијата на .mk и .мкд домени, усогласени со ДНС стандардите и добрите практики.
Дигитализација и ефикасност: Овозможува целосно дигитално спроведување на активностите, вклучувајќи дигитална идентификација преку услуги за дигитален идентитет, веќе применувана од банките.
Безбедност: Воведување DNSsec технологии за криптографска заштита, што ја зголемува безбедноста на системот.
Усогласување со ЕУ регулативи: Прецизноста на податоците во националниот регистар обезбедува подобра функционалност и хармонизација со европските стандарди.
Процесот на модернизација ќе трае три квартали, со планирано воведување DNSsec заштита во септември следната година.
Процесот на изработка на новиот правилник траел една година. На 17 октомври минатата година се одржала јавна дебата на која бил презентиран новиот Правилник, а заинтересираните ги искажале своите ставови за новитетите во новиот Правилник. Исто така, на 20 декември лани се одржал работен состанок со претставници од овластените регистратори и МАРнет. Дел од искажаните забелешки биле прифатени и имплементирани во новиот Правилник.
Извор: radiomof.mk