Слатките празнични трпези годинава можеби ќе бидат поскапи, откако цените на какаото, чоколадите и на останатите клучни состојки за домашните десерти забележаа сериозно поскапување.
Домашните слаткари велат дека ги следат случувањата со голема загриженост, бидејќи трошоците за подготовка на слатки растат од ден на ден. Дел од нив, сепак, најавуваат дека ќе се обидат да ги задржат старите цени барем за новогодишните празници, но по 1 јануари поскапувањето ќе биде неизбежно.
„Цената на какаото е нешто што никој од нас не можеше да го предвиди. Пред една година, килограм квалитетно какао чинеше 600 до 700 денари, а сега цената надминува и 1.200 денари. Слична е ситуацијата и со чоколадите и со јаткастите плодови, кои се основа за подготовка на тортите и колачите. Ќе се обидеме да ги издржиме празниците без промена на цените, но веќе по Нова година ситуацијата ќе биде поинаква“, вели Ангела Спасова, која веќе 10 години работи како слаткарка.
Обиколката низ маркетите покажува дека најголем удар врз буџетите имаат увозните брендови на какао, кои веќе стигнаа до неверојатни 169 денари за 100 грама. Поголемиот дел од понудата се движи од минимални 75 до 109 денари, што е значително повеќе во споредба со ланската цена.
„Се обидувам да подготвувам домашни десерти за моето семејство, но веќе станува луксуз. Ако додадете масло, јајца и шеќер, цената на едно домашно колаче достигнува речиси иста сума како она што го купувате во слаткарница. За празниците традиционално подготвувам чоколадни колачи и баклава, но оваа година ќе морам да скратам нешто“, раскажува Јасмина Крстевска, мајка на две деца.
Освен какаото, значително поскапени се и другите состојки кои се неопходни за секој рецепт.
Маслото за јадење, јајцата и шеќерот забележаа раст на цените од 10 до 20 проценти во последните месеци. Стручњаците велат дека главната причина за овие трендови се глобалните промени на пазарот, како и растот на транспортните трошоци.
„Поскапувањето на какаото е директно поврзано со намаленото производство во земјите од Западна Африка, кои се најголеми производители во светот. Климатските промени и зголемената побарувачка го прават овој производ многу поскап на глобално ниво. Поради тоа, сите пазари се погодени“, објаснува економскиот аналитичар Александар Дојчинов.
Слаткарите, пак, се подготвуваат за неизвесни месеци. Тие велат дека разбираат дека граѓаните се соочуваат со намалена куповна моќ, но трошоците веќе не можат да ги издржат сами.
„Ќе биде тешко за сите нас. Клиентите сакаат квалитетни слатки, но на крајот, и ние мораме да опстанеме. Ќе се обидеме да направиме комбинации со состојки кои се подостапни, но квалитетот мора да се задржи“, додав Спасова.
Празничниот период што следува ќе покаже како оваа криза ќе се одрази врз навиките на граѓаните, но едно е сигурно – десертите и тортите, кои некогаш беа достапни за секоја трпеза, сè повеќе стануваат луксуз кој бара дополнително планирање и жртвување.
Извор: denar.mk