Италијанката Ана Поси е 100-годишна жена која сè уште работи во нејзиниот бар во малиот град Небиуно, а нејзиниот работен ден започнува во 7 часот, а завршува во 19 часот.
Нејзиниот бар „Centrale“ има поглед кон езерото Маџоре, на северот од земјата. Ана е најстарата баристка во Италија, а неодамна ја доби титулата „Командант на Републиката“. Таа е добро познато лице кое работи во недела и на празници, а како што вели и самата, никогаш не е на одмор.
Ова е нејзина рутина од 1 мај 1958 година, кога таа и нејзиниот сопруг отворија бар, првично служејќи еспресо и капучино. Алкохолните пијалаци почнале да ги послужуваат во 1971 година. Меѓутоа, она што ги привлекуваше гостите, вклучувајќи ги и далечните, беше џубоксот.
„Тие дојдоа овде да се дружат, да танцуваат. Со фудбалот на маса бевме најмодерниот бар во градот“, се сеќава Ана.
Откако нејзиниот сопруг починал во 1974 година, таа го посветила својот живот на воспитување на своите две деца и водењето на барот.
„По смртта на мојот татко, таа повеќе не сакаше да има друга врска, нѝ се посвети нам и на работата“, изјавила ќерката на Ана, Кристина.
Ана го опиша периодот од 1960-тите до 1980-тите како најубавите години на барот. Меѓу значајните гости беа фудбалерите на Милан Џани Ривера и Фулвио Коловати. Меѓутоа, Ана сепак не е носталгична. Џубоксот го нема, но тука се книгите кои ги читаат гостите. Во недела се служи домашна пита со јаболка, а Ана истакна дека нејзиниот бар сега е познат како винтиџ бар.
На својот компјутер таа секое утро ги чита вестите и ја следи берзата. Како што рече, и понатаму сака да научи подобро да ги разбира работите. Нејзините гости се главно пензионери, кои понекогаш доаѓаат само да разговараат со неа, без да нарачаат нешто. Меѓутоа, откако Ана во средината на ноември го прослави својот 100-ти роденден, популарноста на барот се зголеми, односно се зголеми бројот на гости.
„Луѓето доаѓаат да ме запознаат бидејќи не можат да поверуваат дека сè уште работам. Кога заминуваат, заминуваат среќни и исполнети. Не знам што им пренесувам“, вели Ана.
Таа смета дека клучот за нејзината долговечност е тоа што секогаш е во друштво на други.
„Не сакам да бидам меланхолична. Сакам да живеам, да бидам меѓу луѓето“, рече таа.
Нема намера наскоро да престане да работи. Како што изјави, ќе продолжи да работи сè додека здравјето ја служи, а ги советуваше младите да ја изберат работата во која уживаат.
Инаку Ана се вбројува меѓу сè поголемиот број стогодишници во Италија. Имено, според официјалните статистички податоци, до крајот на минатата година имало 22.252 лица постари од 100 години, што е најголем број стогодишници досега, а стогодишниците се претежно жени.
Најстарата личност во Италија е Клаудија Бакарини која има 114 години, додека Лусија Лаура Сангенито е само еден месец помлада. Титулата за најстара личност на светот ја поседуваше Ема Морано, која почина во 2017 година на 117-годишна возраст, пишува Гардијан.