Пентхаус на 108-от кат од највисоката кула на светот, Sky Palace во Дубаи, беше пуштен на пазарот кон крајот на 2024 година за неверојатни 49,5 милиони долари, но цените на многу други имоти во Дубаи моментално може да се споредуваат со нашите.
Блискоисточниот луксуз повеќе не е резервиран само за оние со најдлабок џеб. Дека цените на становите се поволни во споредба со македонскиот пазар, можевме да се увериме на веб-страницата на агенцијата специјализирана за продажба на недвижности во Обединетите Арапски Емирати.
Моменталната понуда за Дубаи, цената за метар квадратен за купување стан во центарот на градот е 6.562 евра, а надвор од центарот е 3.412 евра. Како за споредба, новите градби во Скопје достигнаа 3.000 евра за метар квадратен, плус паркинг место.
Мора да се признае, локацијата е тешко да се процени во споредба со значително помалиот главен град на Македонија, но, на пример, фенси студио од 38 квадратни метри во Dubai Sports City чини 146.752 евра, во комплекс со обезбедување, централна клима, базен и теретана, и обезбеден паркинг. Во Скопје, во новоградба, веќе достигнува слична цена.
Нов стан во Дубаи Југ (Dubai World Central) со димензии 70 квадрати, со една спална соба и фитнес сала, балкон и две бањи моментално чини околу 146.000 евра.
Вила од 740 метри квадратни во Farm Gardens во Дубаи, исто така со базен и гаража се продава за 2.489.944 евра.
Од друга страна, евтин стан во Дубаи кој го најдовме на горе споменатата платформа чини 130.568 евра, има околу 35 квадрати, обезбедување и секогаш достапна медицинска нега, комплетно е опремен и е оддалечен 12 километри од морето. По цена за метар квадратен, пак, го засени еден стан од 68,19 м2 кој се продава за 131.009 евра, што значи околу 1.920 евра за метар квадратен.
Инаку, експертите предвидуваат забавување на растот на цените на недвижностите во Обединетите Арапски Емирати.
Пазарот на недвижности во Дубаи цвета, градежништвото се случува насекаде, а имотите се продаваат за неколку дена или дури неколку часа. Бумот на недвижности во Емиратите трае веќе неколку години, што е најдолг раст откако сопственоста на домовите првпат беше отворена за странци во 2002 година.
Меѓутоа, инвеститорите сега стануваат повнимателни околу цените. Дубаи треба да продолжи да привлекува нови жители за да ги пополнат домовите што се градат. Исто така, треба да се обезбедат прифатливи станови за да се избегне туркање на иселениците надвор од градот во време кога многумина се борат со зголемената глобална инфлација и зголемените трошоци за живот. Веќе речиси една петтина од домовите во Дубаи се проценети на повеќе од 1 милион долари, според компанијата за недвижнини Knight Frank. Се предвидува дека цените на куќите ќе пораснат просечно за осум проценти во 2025 година, од неверојатните 20 проценти претходната година.
Извор: denar.mk