Според истражувањето на водечката европска платформа за купување и продавање половни автомобили, „AutoScout24“, во последните десет години просечната цена на 10-те најпопуларни автомобили е зголемена за цели 68%.
Ова истражување се однесува на Шпанија, но резултатите од истражувањето би можеле да се применат и во други европски земји, вклучително и Македонија, со слични проценти.
Иако цените на автомобилите во сите земји на ЕУ веројатно не беа целосно идентични, зголемувањето на цената беше приближно еднакво, па ова истражување може да послужи како добра илустрација.
Според податоците на „AutoScout24“, просечната цена на 10-те најпродавани автомобили во 2014-та година била 14.236 евра, додека во 2024-та година се зголемила на 23.977 евра. Овој пораст далеку ја надминува стапката на инфлација од 19,4% во истиот период.
Зголемувањето на цената од дури 68% во текот на десет години е резултат на повеќе фактори, како што се зголемувањето на цените на суровините, покомплексната логистика, како и строгите еколошки и безбедносни регулативи на ЕУ, кои ги поскапеа новите автомобили.
Дополнително, се промени и понудата на пазарот: производителите го намалија производството на мали и достапни автомобили, давајќи им приоритет на поголемите и технолошки понапредните возила како што се SUV моделите, кои денес доминираат на пазарот и значително ги менуваат правилата на игра, пишува Ел Паис.
Додека, на пример, во 2014-та година најпопуларни модели во Шпанија беа градските и компактни автомобили како „VW Golf“ и „Renault Clio“, во 2024-та година оваа доминација ја презедоа SUV моделите како „Peugeot 2008“ и „VW T-Roc“.
Прогнозите покажуваат дека теренците ќе продолжат да сочинуваат повеќе од 60% од сите нови регистрации во наредните години.
Според портпаролот на „AutoScout24.es“, регулативите за емисиите дополнително ќе ги зголемат цените на автомобилите.
Барањата за поголема продажба на електрични автомобили за да се надоместат трошоците за автомобилите со внатрешно согорување, вршат дополнителен притисок врз производителите, што доведува до казни и повисоки цени.
Оваа динамика може да го отежне пристапот до новите возила за оние со среден приход, создавајќи маѓепсан круг на раст на цените. Се чини дека сме само на почетокот на оваа промена и дека можеме да заборавиме на достапните автомобили.
Примери за цени на 10 популарни модели (во евра)
Во 2014 година:
- Renault Megane: 15.680
- Citroen C4: 15.150
- Seat Leon: 15.170
- Seat Ibiza: 12.720
- Volkswagen Polo: 12.715
- Opel Corsa: 11.331
- Volkswagen Golf: 18.800
- Dacia Sandero: 7.900
- Renault Clio: 12.550
- Nissan Qashqai: 20.350
Во 2024-та година: - Dacia Sandero: 13.490
- Toyota Corolla: 25.000
- Seat Ibiza: 17.500
- Hyundai Tucson: 33.325
- MG ZS: 16.890
- Seat Arona: 23.920
- Renault Clio: 17.299
- Toyota C-HR: 31.750
- Toyota Yaris Cross: 26.450
- Kia Sportage: 34.150
Извор: denar.mk