Православните верници денеска го слават празникот Богојавление кој се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.
Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина. Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и сл.
На овој ден во реките се положува светиот крст, а оној кој ќе го фати, се верува дека ќе го следи среќа и благослов цела година.
Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.