Новите законски измени во Хрватска коишто стапија на сила на почетокот на оваа година ги отворија вратите за 300 илјади пензионери кои сакаат повторно да се вратат на пазарот на трудот, без притоа да го изгубат правото на пензија.
Можноста пензионерите да се вработат на пола работно време беше легализирана во 2004 година, но само за луѓе кои земаат старосна пензија, и тоа за мажи постари од 65 години и жени на возраст над 62 години.
Сега, тоа ќе може да го направат сите. Дури и тие што се предвремено пензионирани, како што е случајот со вработените во војската и полицијата.
Од почетокот на оваа година, тие можат да изберат дали да работат до четири часа дневно и да ја добиваат целата пензија или пак ќе бидат вработени на полно работно време и ќе добиваат само 50 отсто од износот на пензијата.
Новото законско решение е поздравено од страна на пензионерите бидејќи, како што велат тие, на овој начин полесно ќе ја надминат транзицијата од работник во пензионер, ќе им помогне да се чувствуваат корисни и инклузивни и, секако, ќе им донесе дополнителен извор на приходи.
Инаку, хрватските пензионери воглавно работат во стручни и научни дејности, здравството и трговијата.