Со овој потег успеавме да постигнеме две клучни работи – ја зголемивме ефикасноста без зголемување на работните часови и добивме задоволни работници – објаснува сопственикот на компанијата, Вања Шувак.
Денес, сите што водат компанија знаат дека е тешко да се најде и задржи добар работник. Тоа е уште потешко кога станува збор за луѓе со специјализирани вештини за одредена работа. Токму ова беше предизвик за Вања Шувак, сопственик на големогоричката компанија Stillvil, специјализирана за сервисирање вилушкари, кој за да ги мотивира своите работници, се одлучи за прилично невообичаен чекор – воведување на четиридневна работна недела.
Иако во Хрватска постојат компании што го практикуваат овој модел, тие се малку на број и најчесто се од ИТ-секторот, каде што не е неопходно физичко присуство на работното место. Но, во сервис за вилушкари, работа од дома е невозможна.
Пионерски потег
Долго размислувавме како да ја зголемиме ефикасноста и да го намалиме непотребното губење време, без дополнителен товар за работниците. Од сите идеи што ми паднаа на ум, најлогична ми се чинеше оваа – да ја скратиме работната недела за еден ден. Но, не знаев како да го спроведеме тоа, бидејќи сите примери на кои наидов се однесуваа на ИТ-секторот или маркетингот, а ние работиме сервис што бара физичко присуство – вели Шувак.
Некое време оваа идеја „се крчкаше“ сè додека не пронајдовме модел кој, да не урочам, функционира одлично. Поделени сме во два тима, бидејќи поради природата на работата мораме да работиме од понеделник до петок – едниот тим е слободен за време на викендот и во понеделник, а другиот во петок и за време на викендот – објаснува Шувак.
Како реагираа работниците?
Бидејќи ова е новитет, реакциите на работниците беа неизвесни. Кога ги собравме и им соопштивме дека ја скратуваме работната недела, првата нивна помисла беше дека ќе следи намалување на платите или откази, и се забележуваше загриженост. Но, кога им објаснивме дека платите остануваат исти, дури и малку ги зголемивме, и дека добиваат дополнителен слободен ден – го прифатија со воодушевување – раскажува тој.
Резултатите брзо се покажале – работниците доаѓаат позадоволни, не доцнат, нема непотребни паузи, а иако работат еден ден помалку, ефикасноста е зголемена, што го изненадило и самиот сопственик.
Јасно се гледа дека луѓето доаѓаат на работа со елан, сè им оди полесно, а се подобри и целокупната организација. За пократко време завршуваме повеќе работа, што многу нè радува, и мене и работниците. Еден слободен ден им овозможува да се посветат на работи што ги сакаат и ги исполнуваат.
Претходно, често имавме ситуации каде паузите за ручек траеја подолго од предвиденото, се земаа чести одмори, а луѓето „фаткаа кривини“ штом ќе ја свртев главата. Сега тоа го нема, што значи дека со овој потег успеавме да постигнеме две клучни работи – ја зголемивме ефикасноста без зголемување на работните часови и добивме задоволни работници – истакнува Шувак.
Работат сите, вклучувајќи го и директорот
Овој модел важи за целата компанија, вклучувајќи ја администрацијата и самиот сопственик.
На почеток ми беше чудно да бидам слободен во петок или понеделник, но брзо се навикнав. Сега имам повеќе време за семејството, децата и мојата голема пасија – пинг-понгот – вели низ смеа.
Сепак, бидејќи во Хрватска официјалното работно време е 40 часа неделно, односно петдневна работна недела, постоеше дилема дали имаат административни пречки?
Немавме никаков проблем, бидејќи на работниците им плаќаме целосни придонеси и плати според петдневна работна недела. Колку слободни денови ќе имаат е наша внатрешна работа – објаснува Шувак.
Бидејќи оваа стратегија се покажа како успешна, компанијата продолжува да работи по истиот принцип, а поради зголемениот обем на работа, постојано бара нови работници.
Можам да кажам дека сме единствени во земјата според нашиот пристап кон вработените. Платите се повисоки од просекот, а дополнителниот слободен ден значи многу повеќе од парите. Покрај тоа, изградивме тим каде што луѓето доаѓаат на работа со насмевка – заклучува Шувак.
Извор: poslovni.hr