Секој ден зборуваме за скапотијата, значи вербално протестираме, па спремни сме и да бојкотираме. А, и пензии ќе нема тој ден, па „рачунајте на нас“, коментираат пензионерите по повиците за бојкот на маркетите.
„Се претера со безобразлукот на трговците. Имам висока пензија, можам да купувам без да погледнам цена. Но, зошто некој да ме прави будала? Можам да замислам како им е на луѓето што мора да се пребројуваат пред да влезат во продавница. Ова лудило мора да запре“, вели пензионерка, која напоменува дека имала среќа што работела во сериозна фирма и секогаш имала натпросечна плата.
Таква им била среќата на сегашните 3.186 пензионери, со месечни примања повисоки од илјада евра, односно над 59.981 денар. Оние другите, кои се мнозинство, се снаоѓаат кој како може. Многумина и работат, не само со продолжување на работниот стаж до законски утврдениот максимум според возраста. Но, има пензионери таксисти, градинари кои одржуваат дворови, негуватели и негувателки на болни и немоќни лица, чуваат деца, даваат приватни часови, вршат достава…
„Постои интерес за работно ангажирање на пензионерите, а преку Сојузот соработуваат ‘Веро’ и домот за стари лица ‘Сончева куќа’. Сојузот го поддржува вработувањето на пензионерите, со барање тие да бидат ставени во еднаква правна положба со другите вработени, со цел подобрување на нивниот животен стандард. Инаку, не располагаме со евиденција за тоа колку пензионери се вработени“, вели за порталот Пари претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите, Станка Трајкова.
Дополнителните приходи се важни, но додава, „значајна е редовната исплата на пензиите и нивното усогласување, кое овозможи просечната пензија да изнесува 23.780 денари или 56,6 проценти учество во просечната плата во Републиката, што е мерило за подобрување на стандардот на пензионерите“.
Во март пензионерите ќе се зголемат за 2.500 денари, односно ќе ја добијат втората рата од ветените пет илјади денари. Па, сегашната просечна пензија од над 380 евра ќе се помести на околу 420 евра. Што ќе значи тоа во однос на цените, пред сѐ на тие за храна и лекови, засега е неизвесно.
„Како ќе се поставиме, така ќе ни биде. Како пензионери, како луѓе што сме ја граделе оваа држава, наместо да уживаме во годините што ни остануваат, да шетаме, ние гледаме како да преживееме. Мора да го изразиме својот став. Не само за бојкотот, за многу суштински прашања. Сѐ уште имаме знаење и моќ на расудување и не треба да бидеме заборавени“, вели економист – таксист. И додава: „Слободно пренесете ја пораката од мене и моите другари пензионери – рачунајте на нас! И за бојкот и за сѐ што треба, зашто ова веќе не се трпи“.
Во Македонија има 345.794 корисници на пензија, според статистиката на ПИОМ за декември. Просечните пензии им се движат од 218 евра колку што е земјоделската, до 529 евра – воената.
Најголемиот дел од нив имаат примања од 15.693 до 19.409 денари. Тука се 34,14 отсто од пензионерите, или 118.056 на број. Само за споредба, според одредени статистики, за задоволување на сите месечните потреби – храна, лекови, сметки, облека… на еден пензионер му се потребни дваесеттина илјадарки.
Сепак, во статистиката има мала позитивна месечна промена кај бројот на лицата кои на сметките добиваат пензии поголеми од 59.981 денар. Од 3.056 во ноември, на 3.186 во декември. Или процентуално, од 0,90 на 0,92 отсто од вкупниот број корисници на пензија. Тоа, пак, значи дека уште 130 пензионери се во групата приматели на пристојни пензии. Заедно со тие 27, кои се издвојуваат со месечните примања од над 1.300 евра.
Разлика има и кај примателите на најниските законски пензии. Во ноември, пензиите одредени во границите од 15.692 до 19.409 денари биле исплатени на 88.892 корисници. Веќе во декември има плус 552, односно вкупно 89.444 пензионери.
Дали со овие примања, пензионерите можат да си дозволат културно-забавен живот или патувања? Секако, сѐ зависи од можностите – материјални, здравствени, но и од навиките. Повеќето велат „тешко“, други кажуваат дека децата им се во странство и така можат да патуваат. Од Сојузот, пак, посочуваат дека пензионерите можат да се забавуваат и да го исполнуваат слободното време преку активностите на здруженијата.
А, некој досетлив рекол: „Пензионерите му се радуваат на денот кога ја примаат пензијата. Останатите денови користат други средства за смирување“.