Изминатата деценија донесе значајни промени во економската слика на Македонија, а буџетските ставки, кои одразуваат приоритети и економски предизвици, сведочат за динамични промени. Споредено со денес, државниот буџет пред 10 години изгледаше значително поразлично, како по износ, така и по структура.
Буџетскиот дефицит тогаш изнесуваше приближно 3% од БДП, а јавниот долг беше околу 46% од БДП, што во споредба со денешните над 60% покажува стабилност, барем во однос на задолженоста.
Денес, буџетот е значително зголемен и достигнува над 5 милијарди евра. Но, зголемувањето на номиналниот износ не значи и реално подобрување.
Според економистите, она што го гледаме е инфлациско зголемување, кое всушност ја намалува куповната моќ на парите.
„Во реални услови, трошоците за основните потреби како здравство и образование се дури и помали, ако ја земеме предвид инфлацијата“, коментираат стручњаците.
Споредба на клучните ставки
Во 2015 година, просечната плата во јавниот сектор изнесуваше околу 21.000 денари, додека денес таа изнесува над 40.000 денари.
Сепак, трошоците за живот значително пораснаа, со што ова зголемување често не ги покрива реалните потреби на семејствата.
На пример, цените на енергијата и на храната, кои сочинуваат најголем дел од потрошувачката кошница, се зголемени за над 60% во истиот период.
Според извештаите, трошењата за здравство во 2015 година изнесувале 12% од вкупниот буџет, додека денес се намалени на околу 10%. Сличен тренд се забележува и кај капиталните инвестиции, каде што буџетската реализација често останува под планираното.
Економските аналитчари велат дека „голем дел од буџетот денес се троши на сервисирање на јавниот долг, кој пред 10 години беше релативно низок. Тоа го ограничува просторот за нови проекти и директна помош на граѓаните“.
Според податоците, инфлацијата во 2023 година достигна двоцифрени стапки, што директно го намали реалниот стандард на граѓаните.
Храната и енергијата, кои имаат најголемо влијание врз инфлацијата, станаа значително поскапи во последната деценија.
На пример, цената на лебот во 2015 година изнесуваше 25 денари, додека денес истиот леб чини над 40 денари.
„Кога ќе ја споредиме куповната моќ од пред 10 години со денешната, јасно е дека граѓаните се во полоша ситуација. Секоја година, трошиме повеќе, но добиваме помалку“, објаснуваат експертите.
Извор: denar.mk