Тунелите изградени за да се засолнат жителите на Лондон за време на германските бомбардирања во Втората светска војна треба да станат најголемата нова туристичка атракција на британската престолнина, според компанијата што ја купи широката мрежа од тунели.
Тунелите, долги 1,6 километри и доволно високи во некои делови во нов да се смести двокатен автобус, лежат под Холборн во центарот на Лондон. Рачно почнале да ги копаат кон крајот на 1940 година, кога германските авиони го бомбардирале градот речиси секој ден и ноќ.
За време на бомбардирањето, жителите оделе на станиците на подземната железница заради безбедност. До 1942 година, кога биле завршени наменски изградените тунели, воздушните напади престанале, па тие никогаш не биле користени како засолниште.
„Тоа е стварно. Тоа е емотивно“, рече Ангус Мареј, извршен директор на Лондонските тунели (The London Tunnels), стоејќи во засводена челична пештера додека возовите на лондонското метро татнеа над него.
Мареј, поранешен инвестициски банкар, се надева дека тунелите ќе бидат претворени во споменик на тој период и ќе бидат делумно музеј, делумно изложбен простор, а дел за забава.
Во тунелите бил шпионскиот штаб во 1944 година, кога авторот на Џејмс Бонд, Иан Флеминг, работел таму за поморската разузнавачка служба. Се верува дека локацијата го инспирирала за Q Branch, каде Бонд оди да ја земе својата специјализирана опрема.
Триесет метри подолу, подземната цитадела е лавиринт од стари генератори, цевки и ‘рѓосани завртки. Купчиња жици висат од ѕидовите кои се испреплетени со бројчаници, прекинувачи и лостови.
Има и остатоци од барот за персоналот и кантина за 200-те луѓе кои работеле во тунелите во 1950-те и 1960-те кога таму била сместена телефонската централа. Од 1970-те, тунелската мрежа е главно празна.
Мареј проценува дека планот за создавање на туристичката атракција, кој беше одобрен од властите минатата година, ќе чини околу 120 милиони фунти (143 милиони евра). Неговата компанија се надева дека до три милиона луѓе годишно ќе плаќаат повеќе од 30 фунти (36 евра) за да го посетат просторот.
Тунелите ќе бидат подготвени за јавноста кон крајот на 2027 или почетокот на 2028 година, рече Мареј, додавајќи дека со нив ќе управува компанија со искуство во водењето атракции за посетители.
„Во Лондон, ако има нешто што функционира, тоа е туризмот“, рече тој.
Извор: netpress.com.mk