
Околу 180 германски туристи пристигнаа викендов во Скопје со авионот на компанијата Freebird Airlines. Авиокомпанијата ангажирана од македонски и германски тур-оператори, во соработка со Владата, ќе лета до скопскиот аеродром секој ден од февруари до јуни и од октомври до декември.
„Секој ден по еден авион и меѓу 180 и 200 туристи или само оваа година ќе пристигнат повеќе од 35 илјади туристи“, истакна вицепремиерот.
Концептот е секој турист да помине по два дена во Скопје и во Охрид со што ќе се потикне туристичката дејност, а очекувано е да се зголеми и девизниот прилив на државата.
Freebird Airlines Europe е потврден како оперативен превозник за голем број чартер летови до Скопје од Германија, Обединетото Кралство и Франција.
Како што беше претходно објавено, услугите започнаа на 16 февруари. Freebird неодамна аплицираше за слотови за да работи по еден неделен чартер од Лондон Гетвик и Манчестер до македонскиот главен град.
Главниот извршен директор на германскиот тур-оператор RSD Reisen Хорст Живковиц, истакна дека нивните клиенти со нетрпение чекаат да ја посетат нашата земја и оти до крајот на сезоната планираат да донесат 35.000 гости.
„Досега имаме договорено летови за 25.000 патници кои ги резервираа овие тури од Германија, Австрија, Франција и Велика Британија, и до крајот на сезоната очекуваме да донесеме 35.000 гости. Убеден сум дека гостите ќе уживаат во вашата прекрасна земја, историјата и топлото добредојде на луѓето кои живеа овде. Јас навистина уживав кога ја посетив Македонија“ изјави Живковиц.
Се очекува да има летови и од Франкфурт, Дизелдорф, Хамбург, Хановер, Берлин, Минхен, Штутгарт и Лајпциг, како и од Париз Шарл де Гол, Лион и Марсеј. Freebird Airlines Europe ќе ги одржува услугите во име на германскиот тур-оператор RSD, информираа од компанијата лани во ноември.
Извор: pari.com.mk