
Платформата за изнајмување станови "Flatio" спроведе нова студија во која рангираше голем број градови врз основа на трошоците за живот, брзината на интернетот и квалитетот на животот.
Што се дигитални номади?
Дигиталните номади станаа глобален тренд, а статистиките покажуваат дека сè повеќе луѓе го прифаќаат овој стил на живот.
Иако постојат повеќе дефиниции, во суштина дигиталните номади се лица кои работат, но истовремено патуваат и истражуваат други земји. Концептот за првпат е споменат во книги од крајот на 90-тите години, но оваа категорија работници е пред сè резултат на дигитализацијата, која им овозможува да не бидат врзани за конкретно работно место и да имаат целосна флексибилност – што се рефлектира и врз нивниот начин на живот.
Прво место – Лисабон
На врвот на листата се наоѓа главниот град на Португалија, Лисабон.
„Во споредба со другите главни градови во Западна Европа, Лисабон е прилично пристапен, со месечни трошоци за една личност (вклучувајќи и кирија) помеѓу 1200 и 1800 евра. Покрај тоа, градот има околу 300 сончеви денови годишно, што значително придонесува за квалитетот на живот“, стои во анализата.
Лисабон не е единствениот португалски град на листата – Порто се најде на 7. место, каде што трошоците за живот се обично помеѓу 1000 и 1500 евра.
„Во комбинација со опуштениот ритам на градот, одличниот јавен превоз и близината на долината Дуро, животот тука може да биде вистинско уживање“, пишува "Time Out".
На второ место е Варшава, Полска, која "Flatio" ја опишува како нова атрактивна дестинација за дигитални номади благодарение на „брзорастечката технолошка сцена, пристапните трошоци за живот и одличната инфраструктура“.
Според истражувањето, трошоците за живот во Варшава се слични на оние во Порто, а се истакнуваат гостопримливата атмосфера на градот и бројните зелени површини.
20-те најдобри градови за дигитални номади во 2025 година:
1. Лисабон
2. Варшава
3. Прага
4. Загреб
5. Будимпешта
6. Берлин
7. Порто
8. Виена
9. Барселона
10. Брно
11. Мадеира
12. Малага
13. Лондон
14. Сплит
15. Мадрид
16. Париз
17. Бангкок
18. Софија
19. Албуфеира
20. Валенсија
Извор: tocka.com.mk