
Во време кога ИТ индустријата се обидува да ги намали трошоците, целиот сектор е во режим на штедење, а отпуштањата стануваат секојдневие, Apple најави огромна инвестиција. Компанијата ќе потроши 500 милијарди долари во САД.
Како последица на ова компанијата ќе отвори 20000 нови работни места во следните четири години. Вработувањата немаше да бидат олку големо изненадување, доколку конкурентите на Applе во последните неколку години не отпуштаа работници.
Одлуката доаѓа во момент кога претседателот на САД, Доналд Трамп најави дополнителни 10% тарифи на увоз од Кина. Ова сериозно ќе влијае на компанијата од Купертино, па Apple излезе со свој план. Со изградба на нова фабрика за производство на сервери за вештачка интелигенција во Хјустон, и отворање на „академија за производство“ во Мичиген. Мало изненадување е што најавата не ја израдува берзата, па акциите на Apple паднаа 1,5 отсто, пишува Bloomberg.
„Ќе инвестира стотици милијарди долари,” изјави Трамп по состанокот со Тим Кук во Белата куќа. За Трамп ова е победа на тарифите и доказ дека веќе работат.
Apple и Foxconn Technology Group веќе оваа година ќе започнат со производство на серверите за Apple Intelligence платформата во САД. Новиот објект ќе биде на површина од 23 000 квадратни метри во Хјустон, и ќе користи M-серии чипови. Истиот тип се користи во Mac компјутерите. Овие чипови и натаму се произведуваат во Тајван. Сепак, Apple можеби планира масовно производство преку фабриката на Taiwan Semiconductor Manufacturing Co. во Аризона, која започна со работа минатиот месец. Засега во овој погон се произведуваат чипови за Apple Watch и iPad.
Нови проширувања на постоечките податочни-центри
Плановите на Apple вклучуваат проширување на податочните-центри во Аризона, Орегон, Ајова, Невада и Северна Каролина. Во сите овие држави компанијата веќе има значајно присуство. Во Детроит ќе се отвори и нова „академија за производство“, каде Apple ќе им помага на помалите компании да влезат во производствениот екосистем.
„Оптимисти сме за иднината на американските иновации и горди сме што ги надоградуваме нашите долгогодишни американски инвестиции со оваа инвестиција од 500 милијарди долари за иднината на нашата земја.
Ќе продолжиме да работиме со луѓе и компании низ оваа земја за да помогнеме да се напише извонредно ново поглавје во историјата на американските иновации.“, вели Тим Кук, извршен директор на Apple.
Според најавата од компанијата, 20 000 нови позиции ќе бидат фокусирани на истражување и развој, силициумско инженерство и вештачка интелигенција — три области во кои Applе, но и останатите технолошки компании ја гледаат иднината.