
Можеби МАРС не изгледа како идеално место за одмор со сувиот пејзаж и високите нивоа на радијација, но новото истражување открива дека планетата некогаш имала плажи.
Додека претходните истражувања открија долински мрежи и седиментни карпи кои укажуваат на постоење на реки на Црвената планета, научниците долго дебатираа дали постоеле океани на Марс.
Според трудот објавен во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences, тим од научници дошле до ова откритие со анализа на податоците од подземните слики собрани од кинескиот ровер Zhurong.
„Zhurong беше испратен во јужниот дел на Утопија Планиција, во близина на локации каде сателитски податоци сугерираат постоење на палеоплажи“, рече др. Бенџамин Карденас од Државниот универзитет во Пенсилванија, коавтор на студијата.
Резултатите од северните рамнини на Марс покажаа модели слични на оние пронајдени на бреговите на Земјата со помош на радарски методи – податоците укажуваат на навалени слоеви на материјал, насочени кон пониските области или кон поранешниот океан.
„Радарот обично забележува и суптилни промени во големината на седиментот, и тоа веројатно е случај овде“, додаде Карденас.
Податоците сугерираат дека оваа марсовска плажа се движела со текот на времето. Снимените обрасци покажуваат како крајбрежјето се проширило кон север, што научниците го толкуваат како доказ дека плажата напреднала во океанот – најмалку 1,3 километри.
„Ова откритие имплицира дека Марс некогаш имал плимни циклуси, бранови и блиска река која донела талог. Сите овие феномени мора да биле активни во долг временски период“, истакна Карденас.
Иако слоевитите падини може да се формираат со други процеси, истражувачите тврдат дека ниту еден од вообичаените феномени на Марс – вулканска активност, речни текови или песочни дини разнесени од ветерот – не одговара на оваа шема.
Откритието би можело да има важни импликации за потрагата по живот на Марс. „Плажата ја претставува границата помеѓу плитката вода, воздухот и копното – се смета дека во такви средини на Земјата настанал животот. Мислам дека ова би било идеална локација за идната мисија да бара знаци на минат живот“, додаде Карденас.
Сепак, овие плажи на Марс веројатно немале палми, галеби и топло време како оние на Земјата. „Веројатно биле прилично ладни“, рече Карденас, додавајќи дека би сакал да имал шанса да ги види. „Реконструкцијата на античките пејзажи преку геолошки истражувања е навистина неверојатен поттик за имагинација.
Извор: denar.mk