
Пензионерите веќе во април ќе земат повисоки пензии. Ветените 2.500 денари зголемување на пензиите за сите пензионери како во септември, така и во март ќе се реализираат со законско решение.
Со законски измени кои се доставени веќе во Собранието се предлага нов раст на пензиите во износ од 2.500 денари од 1 март 2025 година.
- Во Македонија задолжителното пензиско и инвалидското осигурување како област е уредено со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кој ја уредува методологијата на усогласување на пензијата. Член 18 став (3) ја става вон сила системската одредба од Законот во периодот од 1 септември 2024 година до 31 август 2025 година. Во овој период пензиите се зголемуваат во фиксен износ од 2.500 денари на 1 септември 2024 година и 1 март 2025 година, се наведува во предлог измените.
Растот на пензиите го потврди и премиерот Христијан Мицкоски.
- Во новиот Буџет се предвидени зголемувања. Сега во мартовската пензија, односно која што ќе биде исплатена почетокот на април. Со што се заокружува она ветување, дека во првата година, линеарно пензиите ќе бидат зголемени за 5.000 денари. Ние за девет месеци еве тоа ќе го направиме, и мислам дека пензионерите се задоволни од оваа мерка, и мислам дека на некој начин успеваме тие пензионерски денови да ги олесниме како Влада, и ќе продолжиме во таа насока да работиме и во иднина. Повеќе од 300.000 пензионери ќе го добијат тоа покачување со мартовската пензија, објасни премиерот во неодамнешна изјава.
За 2025 година, во Буџетот се предвидени 105,5 милијарди денари за исплата на пензиите.