
Дали ќе имаат реализација барањата на синдикатите за минимална плата од 30 илјади денари, како и кога ќе постигнат договор со работодавачите, дали Владата ќе прифати субвенционирање на придонесите, не може да се предвиди. Сега, на некој ден до март, сѐ поизвесно е дека промена ќе има, но според законското решение за усогласување според растот на трошоците на животот и на просечната плата.
Тоа зголемување ќе биде за 1.739 денари. Со тоа, минималната нето-плата од идниот месец ќе изнесува 24.379 денари, пишува во Фејсбук објавата на даночниот експерт Павле Гацов. Воедно, ги дава и пресметките што водат до таа сума:
„Доколку не се постигне договор меѓу Синдикатот и работодавачите за повисока минимална плата од онаа која се утврдува согласно со Законот за минимална плата (Сл. весник“, бр. 11/12, 30/14, 180/14, 81/15, 129/15, 32/17, 140/18, 124/19, 239/19 и 41/22), новата минимална плата која ќе се применува за периодот март 2025 – февруари 2026 година е веќе позната.
Службениоте податоци за новата минимална плата во текот на март ќе ги објави надлежниот министер (за економија и труд), по претходно мислење на Економско-социјалниот совет.
Со оглед на познатите податоци за пресметување, како и секоја година Про Агенс веќе ја пресмета минималната нето и бруто-плата која ќе се применува од март 2025 година.
Методологија за пресметување на усогласувањето (зголемувањето) на минималната плата:
Порастот на минималната бруто-плата се утврдува како збир од следните два податока: 50% од порастот на трошоците на живот за 2024 година и 50% од порастот на просечно исплатената нето-плата за 2024 година.
Порастот на трошоците на живот за 2024 година е позната големина и изнесува: 3,5%. Порастот на нето-платата за 2024 година исто така е познат и изнесува: 12,6%.
Почнувајќи од платата за март 2025 година минималната плата се зголемува за 8,05%.
Нови износи на минималната плата од март 2025 година: Минимална нето-плата = 24.379 денари. Минимална бруто-плата = 36.037 денари. [Придонеси (28%) = 10.090 денари; Данок на доход (10%) = 1.568 денари].
Минималната нето-плата има раст од 1.739 денари“.
Барањата на синдикатите првично беа минималец од 450, а сега се зборува за 500 евра. Работодавачите би се согласиле доколку давачките за придонеси не го следат растот. Има предлози како тоа да се изведе, но во секој е потребно вклучување на Владата, која би требало да им помогне на фирмите да го издржат дополнителниот товар. Односно да ја покрива разликата. Па така, Владата не може да се држи по страна, без оглед што премиерот често повторува дека ќе биде поддржан каков било договор.
„Минималната плата мора да се покачи на 500 евра нето. Значи мора. Преку замрзнување на придонесите. Не знам зошто новата ни Влада е толку против замрзнување на придонеси, кога и тие кога беа во опозиција го бараа истото.
Ќе има поголем нето износ кај вработените со нијниски приходи, ќе се намали сивата економија преку она пари во плик и повторно истите даноци ќе се слеваат во фондовите за пензиско и здравствено осигурување.
Тоа што некои краделе од овие фондови не може да го плаќаме ние. Затоа постојат финансиска полиција, Јавно обвинителство и закони, нека има конечно конфискација и вратите ги парите назад во фондовите“, смета Кристина Ампева од „Гласен текстилец“, која својот став го изнесе преку социјалните мрежи.
Минималната плата ја примаат повеќе од дваесет илјади вработени, од кои најголемиот дел работат во мали и микро фирми. Не е едноставно да се гледаат семејства и да се премостуваат секојдневите проблеми со тие пари, особено ако и двајцата возрасни во домаќинствата се на минималец, велат експертите. Минималната плата може да оди и над 500 евра, доколку за тоа се обезбеди реална основа. А, реалната основа, подвлекуваат, е продуктивноста. Кога ќе се зголеми ефикасноста на одработените работни часови, тогаш ќе може да се зборува за реално зголемување, кое ќе нема негативни импликации ниту во економијата, ниту кај работодавачите. До тоа ниво може да се дојде, велат, но потребно е време и многу напори од сите чинители кои ќе ја придвижат економијата.