
Во потрага по нова работа? Изградбата на технологија за вештачка интелигенција би можела да биде безбедна опција, пишува С-Ен-Ен.
Пазарот за работни места во секторот за вештачка интелигенција се зголеми во последните две години, според анализа на Универзитетот во Мериленд и LinkUp. Според нивните податоци, огласите за работа во оваа област се зголемиле за 68% во САД од крајот на 2022 година, додека вкупните огласи за работни места се намалиле за 17%.
LinkedIn ги наведе инженерите и консултантите за вештачка интелигенција како најбрзорастечки професии во САД. PwC откри дека работните места кои бараат вештини за вештачка интелигенција растат три пати побрзо од сите други работни позиции.
Додека вештачката интелигенција создава нови работни места, технолошките гиганти истовремено ја намалуваат својата работна сила поради инвестициите во оваа технологија. Истражување на Светскиот економски форум покажа дека 41% од работодавците имаат намера да ја намалат работната сила во корист на вештачката интелигенција до 2030 година.
Глобалната трка за вештачка интелигенција се засилува, како што покажува и неодамнешниот успех на DeepSeek, кинески стартап кој создаде моќен модел со значително пониски трошоци од американските конкуренти. Според експертите, ова може да го забрза растот на индустријата.
Во јануари, Мајкрософт објави дека ќе инвестира 80 милијарди долари во инфраструктура за вештачка интелигенција во 2025 година. Паралелно, OpenAI, SoftBank и Oracle планираат инвестиции до 500 милијарди долари.
И покрај растот на оваа индустрија, многу компании сеуште бавно ја прифаќаат технологијата поради загриженоста за приватност и безбедност. Работните места кои користат вештачка интелигенција можат да станат поефикасни, но истовремено постои и тренд на вработување на висококвалификувани работници во странство за да се намалат трошоците.
Сепак, експертите предвидуваат дека корпоративниот свет ќе се прилагоди на новата технологија и можеби во иднина ќе се намали бројот на работни денови наместо да дојде до масовна невработеност.
Извор: racin.mk