
На годишни ниво трошоците на компаниите во градежништвото драстично се намалиле, за речиси 10 отсто. Во исто време, расте цената на становите во земјава а особено во Скопје и Охрид. Државата прави планови како да се стави во ред на неконтролираното зголемување на цената на станбениот квадрат. Добар дел од новоградбите се продаваат и по цена од над 3 000 евра за метар квадратен.
Официјалните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во текот на последните три месеци од ланската година во споредба со истиот месец лани градежните компании имаат намалени трошоци за материјали но и за покривање на обврските за нивните работници, односно за плати и за придонеси. Во однос на претходниот квартал, или четвртиот квартал на 2024-та податоците велат дека трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се зголемени за 0.7 %, трошоците за материјали се намалени за 0.3 %, а трошоците за вработените се зголемени за 3.0 %.
„Индексите на трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се наменети за преиспитување или мониторирање на трошоците направени од градежните претпријатија при изведувањето на процесот на изградба на нови објекти за индивидуално домување. Главни корисници на податоците за индексите на трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се градежните претпријатија, кои се повикуваат на движењето на трошоците во градежништвото во калкулациите при склучувањето на градежните договори. Во четвртото тримесечје од 2024 година, во споредба со четвртото тримесечје од 2023 година, трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување се намалени за 9.0 %, трошоците за материјали за 8.6 %, а трошоците за вработените за 9.8 %.“, се наведува во извештајот на ДЗС.
И покрај ваквите податоци, растот на цената на новоизградените станови не се намалува, туку продолжува да расте. Интересно е тоа што во последниот квартал лани цената на становите е зголемена за 10,6 отсто, а тоа е речиси идентично колку што се намалени трошоците на компаниите од овој сектор.
Градежниците неколку пати излегоа со став дека немаат намера да ги намалат цените, и дополнително тие велат дека цените ќе се зголемуваат се додека има побарувачка на новоизградени станови.
Во 2023 година просечната цена на станбен метар во скопје изнесуваше 1700 евра. Во Центар достигна и 2000 евра, Карпош 1800, а Аеродром нешто над 1700 евра.
Галопирачки раст на цената се случи пред три години кога таа порасна над 20 отсто. Државата сега преку изградба на станови ќе се обиде да стане кункуренција на градежниот бизнис и да намали дел од цената која според сите е нереална.