
Изградбата на соларниот парк „Стипион“ кај Штип, ќе произведува струја за цел еден град, а со тоа ќе придонесе за намалување на увозот на електрична енергија. Соларниот парк, ќе биде најголем во земјите од Западен Балкан, а треба да го гради француската компанија АКУО.
„Оваа е од 400 мегавати и мислам дека ќе биде доволно за еден град со 30.000 до 40.000 жители. Ќе придонесе за снабдуваањето и сигурноста на системот во државата, но и ќе придонесе за намалување на увозот на електрична енергија, што е и клучно прашање“, изјави Славе Ивановски, експерт за енергетска политика.
„Убедени сме дека изградбата на соларниот парк ќе го завршиме во 2027 година. Неговата изградба ќе трае од 12 до 18 месеци“, изјави Катинка Рамбер, дир. на Фондација АКУО
Соларниот парк „Стипион“ ќе се простира на 452 хектари на потегот од Штип до Свети Николе, на локацијата кадешто требаше да има карго аеродром. При неговата изградба ќе се вклучат и студентите од штипскиот Универзитет.
„Штип во последно време прераснува во енергетски центар, заради природниот потенцијал што го има, а тоа е сончевите денови, присуството на ветер. Најавени се многу инвестиции во обновливи извори на енергија“, изјави градоначалникот на Штип.
„Студенти ќе бидат вклучени во конкретни активности, и во поставувањето на самиот парк , но и во изградбата на нивните станици“, изјави проф.Мишко Џидров, проректор за настава на УГД-Штип.
Инвестицијата за изградбата на соларниот парк „Стипион“ќе чини околу 300 милиони евра.
Извор: alfa.mk