Советот на ЕУ и Европскиот парламент постигнаа договор за нова директива за рамнотежа меѓу работата и семејниот живот на родителите и старателите, според кој мажите ќе имаат минимум од 10 дена платено татковско отсуство по раѓањето на нивното дете, односно се воведува ново право на платено отсуство за грижа за блиските роднини.
Со новите правила се утврдува минимален стандард од 10 дена татковско отсуство за татковците, по раѓањето на нивното дете, со надомест во висина утврдена на ниво на ЕУ за породилно отсуство. Земјите членки можат да обезбедат подолго и подобро платено отсуство бидејќи на ниво на ЕУ се пропишуваат само минималните стандарди под кои не може да се оди, пишува „Индекс.хр“.
Правилата, исто така, предвидуваат право на четири месеци родителско отсуство, од кои два месеца се непреносливи од еден родител на друг. Се воведува и ново право за работниците, старателско отсуство, според кое вработените ќе имаат право за платено отсуство од пет работни дена во текот на годината за да се грижат за блиски роднини кои имаат потреба од помош, поради здравствени причини.
„Овој договор им овозможува на семејствата со вработени родители и старатели да одлучат како да ги комбинираат работата и семејниот живот. Ова е голем чекор кон Европа со истакната социјална компонента, во духот на начелата врз кои се темелат социјалните права. Новите правила за рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот кои се соодветни за 21 век ќе им овозможат на вработените жени и мажи подеднакво да ја споделат одговорноста за грижата за деца и роднини“, се вели во писмената изјава на потпретседателот на Европската комисијата, Франс Тимерман, и комесарките Маријан Тајсен и Вера Јурова.
Договорот треба да биде официјално потврден од Советот на ЕУ и Европскиот парламент.
извор: денар.мк