Нови снежни врнежи ја зафатија денеска Македонија. Според информациите од УХМР, најмногу снег има на Попова Шапка, каде што е формирана снежна покривка од 93 сантиметри, потоа во Маврово – 72 сантиметри, 45 во Лазарополе, 39 сантиметри во Крушево.
Во поголемиот дел од земјава има врнежи од снег и од дожд со умерен до обилен интензитет. Снег врне во западните и северните делови, мешани од дожд и снег се врнежите во централните, а само дожд има во јужните делови каде што се интензивни и од пороен карактер.
Најобилни врнежи од дожд, пак, денеска има во Гевгелија, Демир Капија, Струмица и Берово.
Според највите на УХМР, врнежите ќе продолжат до вечерните часови со умерен до обилен интензитет, особено во централните и југоисточните делови и на повеќето места ќе преминат во снег. Во ноќните часови ќе се намалуваат по интензитет. Ќе дува умерен до засилен северозападен ветер. Утре врнежи од снег со слаб интензитет ќе има во источните делови, а во крајните југоисточни ќе бидат од дожд и снег.
Врнежите од снег ќе продолжат и во Скопската Котлина, во ноќните часови ќе се намалуваат по интензитет.
skopjeinfo.mk