Додека го реновирате станот или куќата многу работи можете да ги направите сами наместо да плаќате мајстори. Со тоа може да заштедите значителна количина на пари. Молерисување на ѕидови, поставување ламинати или правење и вградување на едноставни плакари се некои од примерите на куќни мајсторства кои што ќе Ве чинат многу помалку доколку не ангажирате професионалци.
Местење ламинат
За разлика од дрвените подови кои мораат да се стругаат, лакираат или фарбаат, ламинатот е поевтин и можете без голема мака да го поставите сами. Неговата цена по метар квадратен просечно се движи околу 500 денари. Доколку викнете мајстор, покрај парите за купување на ламинатот, треба да го платите и неговото поставување од околу 100 денари по квадрат. Доколку пак ангажирате некоја фирма што се занимава со тоа, тогаш ќе платите уште повеќе. За поставување на ламинат потребни ви се секако ламинат, потоа сунѓер подлога, селотејп, лајсни и одбојници за ламинат. Од алат во е потребно се што практично имате дома, а тоа значи скалпел, чекан, метро... Ламинат се поставува едноставно, бидејќи плочите, благодарение на запците се вклопуваат една во друга.
Молерисување на стан
Молерисувањете на внатрешните ѕидови на вашиот дом е еден од најлеснте работи кои што можете да ги направите сами. Додека за самостојно молерисување на стан од 50 квадрати нема да ви бидат потребни повеќе од 50 евра, мајстори за оваа работа можат да ви земат и повеќе од 200 евра. Само за молерисување без нивен материјал, мајсторите за услугата ќе ви наплатат и до 30 евра по човек, додека за помошен мајстор ќе треба да платите уште 20 евра. Молерисувањето со боја ќе ве чини околу 200 евра, додека целокупната работа може да ве чини до 400 евра за 50 квадрати. За самостојно молерисување на стан од 50 квадрати ќе Ви требаат две канти боја, најлон и трака за заштита на паркетот и мебелот, ваљак, четка, решетка за цедење.
Направете плакар
Кога се во прашање плакари и ормари, можете да поминете неколку пати поевтино ако поедноставни парчиња ги правите сами, наместо готови да ги купувате од салон. Најисплатливи се плакарите од оплеменета иверица, а белите плочи чинат околу 500 денари по квадрат. Продавниците во кои купувате плочи материјалот ќе Ви го исечат по мерка, па неопходно е пред да одите да купувате да направите детална и точна листа. Покрај плочите треба да купите и штрафови и окови и шпер плоча. Склопувањето не е тешко, потребно ќе Ви биде само бормашина, штрафцигер, клешта, чекан.