Интервјуто за работа е секогаш непредвидливо меѓутоа ако однапред располагате со одговорите на некои прашања, ќе бидете во блага предност пред другите.
1. Кажи ни повеќе за тебе?
Ова прашање е поставено на 9 од 10 интервјуа, а голем број луѓе кои бараат работа се’ уште не знаат како правилно да одговорат на него. Со оглед на тоа што станува збор за отворено и широкораспространето прашање, плус фактот дека тоа најчесто е првото “официјално“ прашање на интервјуто, не е изненадувачки стресот кој се појавува кај кандидатите кои во моментот го бараат вистинскиот одговор. Клучот е во подготовката.
Не трошете време да зборувате за деталите од вашата кратка биографија бидејќи регрутерите веќе располагаат со тие информации. Избегнувајте лични и ирелевантни информации. Наместо тоа, дадете концизен одговор од 30 секунди за тоа кој сте, што се направиле досега – работни места, пракси, волонтерство, спорт, лидерски улоги – и како овие работи можат да му помогнат на идниот работодавач.
2. Зошто да ве вработиме токму вас?
Станува збор за уште едно често прашање кое ги буни работобарателите. За правилно да одговорите, потребна е подготовка – особено, јасно разбирање на описот на работното место, барањата и очекувањата од вас.
Луѓето грешат бидејќи не ги анализираат деталите за работното место навреме. Регрутерот од вас сака да дознае што конкретно можете да направите на работната позиција, а не генерални податоци за вас. Организирајте ги вашите мисли користејќи го приодот “проблем, акција, резултати“.
Вашиот одговор треба да ја илустрира способноста брзо да го идентификувате проблемот кој ќе биде предмет на вашата работа, какво конкретно дејство ќе преземете за да го решите проблемот и, на крај, како тоа ќе придонесе за организацијата во поглед на заштедени пари или време.
3. Зошто сакате да си одите од вашата тековна компанија?
Запоменте дека вашата историја е добар показател за вашите идни активности, па оттаму е причината зошто се поголем број работодавачи ги интересира одговорот на ова прашање – кој може да биде навистина незгоден. Најдобриот начин да се пристапи кон ова прашање е да не се “удавите“ во негативностите.
Останете 100 проценти позитивни и зборувајте за можностите за напредок и развој кои ви ги нуди новото работно место.
И запомнете, никогаш не зборувајте лоши работи за вашиот претходен претпоставен или работодавач. На пример, може да кажете дека вашиот шеф бил премногу ориентиран кон детали, но дека на крајот тоа ви помогнало да бидете подобар професионалец.