Во помалите градови во Македонија може да се купат станови по пониска цена.
Евтини недвижнини има во Пехчево, Свети Николе, Неготино, Богданци, мали општини, со мал број на жители, каде нема многу можности за работа.
Од агенциите за недвижности во Скопје велат дека најмногу работат со станови во Скопје и Охрид, тие се најскапи, но во внатрешноста има поевтини недвижности.
„Во Неготино има доста поевтини станови, Кавадарци е поскап од Неготино, а Штип има високи цени на станови поради тоа што е универзитески град“, велат од скопска агенција за недвижности.
Во Неготино стан од 72 квадрати со 3 соби се продава за 37.000 евра, но има и станови од 70 квадрати за 31.000 евра.
Во Крушево ако во минатото имаше поевтини недвижности, сега цените се зголемени.
„Јас веќе продадов стан во центарот на Крушево, и можам да кажам дека сѐ е работа на договор, и кој колку си го цени имотот, колку пари бара за него, но стан од 54 квадрати може да се продаде за 23.000 или 24.000 евра“, објаснува крушевчанец.
Од огласите може да се забележи дека во Берово за 68 квадрати стан во центарот до реката Брегалница, бараат 30.500 евра. Друг стан со три соби се продава за 31.000 евра.
Во соседното Пехчево стан од 41 квадрат се продава за 15.500 евра.
Во Виница стан со 3 соби чини 50.000 евра, а се нудат на продажба станови од 56 квадрати за 25.000 евра, но има и понуди за станови со 4 соби за 37.000 евра.
Во Гевгелија за 35.000 евра може да се најде реновиран трособен стан со површина од 83 квадрати. Во истиот град во центарот има станови од 40 квадрати за 25.000 евра.